ГОДИНАВА ДВОЈНО НАМАЛЕНИ ПОВРШИНИТЕ ПОД СОНЧОГЛЕД, „МАСЛОДАЈНА“ РАЗМИСЛУВА ДА СЕ ПРЕФРЛИ НА ПРЕРАБОТКА НА СУРОВО МАСЛО

    ГОДИНАВА ДВОЈНО НАМАЛЕНИ ПОВРШИНИТЕ ПОД СОНЧОГЛЕД, „МАСЛОДАЈНА“ РАЗМИСЛУВА ДА СЕ ПРЕФРЛИ НА ПРЕРАБОТКА НА СУРОВО МАСЛОИнтересот е во опаѓање, иако компанијата нуди гарантиран откуп и семенски материјал (Фото: СДК.МК)

    Само 630 хектари се засеани со индустриската култура сончоглед оваа пролет, што е двојно помлаку од лани. Минатата година имаше рекордно низок откуп на сончогледот од велешка „Маслодајна“, единствениот производител на масло за јадење, кога биле откупени само 3,2 илјади тони.

    „Според расположливите податоци, македонските земјоделци годинава засеале двојно помалку од лани. Минатата година имало 1.100 хектари, а годинава само 630. За жал, интересот е во опаѓање, и покрај тоа што ние како компанија нудиме гарантиран откуп и семенски материјал“, рече Горан Лазов, директорот на „Кристал 1923“.

    Освен што се употребува за добивање масло за јадење, земјоделците на неколку години засејуваат сончоглед наместо пченка, пченица и јачмен како плодоред. Наизменичното засејување на исти земјишни површини со разни земјоделски култури влијае на повисок род.

    „Со ваков сѐ помал принос и помали површини под сончоглед ќе го преиспитаме работењето на фабриката во делот на екстракција на сончогледот. Таму има 60-ина работници, кои работат само преработка на сончоглед. Ако го нема, размислуваме тој погон да го затвориме и наместо со сончголед, да работиме со сурово масло“, вели Лазов.

    Зголемувањето на ДДВ за сончогледот од 5 на 10 отсто го доживуваат како нелојална конкуренција во однос на производителите кои користат сурово масло, кое има 5 отсто ДДВ. Наспроти очекувањата на „Маслодајна“, постојната влада не ја исправила оваа неправда направена од претходната.

    Земјоделците бараа поради елементарна непогода да им се одобрат дополнителни седум-осум денари помош за откупен килограм сончоглед. Tака би ги покриле и трошоците за работењето. Минатата година беше катастрофална, сушна, па земјоделците не можеа да го извадат цензусот од 1,5 тони по хектар за да добијат субвенции. Но, ова барање за помош, за разлика од пред две години, годинава не беше разгледано.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира