Во тек е голема полициска акција во која се апсат лица од поранешното раководство на Електрани на Северна Македонија (ЕСМ) и РЕК „Битола“ осомничени за злоупотреба на јавни набавки. Неофицијално, меѓу осомничените е и поранешниот директор на ЕСМ и РЕК Васко Ковачевски, но полицијата не успала да го пронајде дома.
Од МВР соопштија дека во тек е е полициска акција во координација со Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција и дека ќе следат детали по завршувањето на акцијата. Од Обвинителството потврдија дека акцијата се спроведува под координација на двајца обвинители на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција (ОЈО ГОКК).
Од ЕСМ велат дека сè што како документација во изминатиот период беше побарано од надлежните институции им е предадено.
„Сметаме дека надлежните институции треба да ги потврдат нашите сомнежи за тоа како се воделе одредени постапки. Дел од документацијата е предмет на ревизија, а дел веќе ја доставивме до МВР и до Управата за финансиска полиција, на нивно барање. Секој што се огрешил пред законот треба да одговара. Цврсто стоиме на ставот дека, доколку низ институциите на системот се докаже нечија вина за тоа дека на сметка на државата и граѓаните извршил криминално дело, тој треба да си понесе одговорност и да се соочи со последиците од таквите злоупотреби. Решени сме да поставиме систем што нема да дозволи да има корупција“, соопштија од ЕСМ.
Според неофицијални информации објавени од медиумите, станува збор за 23 осомничени физички лица и две правни. Акцијата се спроведува во Скопје, Битола, Велес и Кичево, се однесува на злоупотреби во РЕК „Битола“, ТЕЦ „Осломеј“ и ТЕЦ „Неготино“, а осомничени се лица од претходните раковоства во ЕСМ и подружниците.
Ж. ЗДРАВКОВСКА