Гондолата за Пелистер би поаѓала од Дихово, Ротино или Цапари, според дел од предлозите што пред битолчани ги презентираа странските експерти од Словенија и Франција вклучени во изработката на физибилити студијата за гондолата. Се предлага да стигнува до високите предели на планината, по можност и до Антена (2.601 мнв).
Eкспертoт од Словенија Франц Фурлан рече дека потенцијалот на Пелистер е огромен, тој може да стане туристички бисер за четири сезони со еко-инфраструктура.
„Низ светот во тренд е развојот на авантуристичкиот туризам, но но и примена на гондоли или еколошка инфраструктура која ќе придоне да се запре сообраќајот. Возилата и ратраците останувааат долу, а горе се стигнува со најчиста инфраструктура – гондоли и се ужива во природа. Многу луѓе не можат да одат горе оти е тешко пристапно, а најубавиот дел на Пелистер е виспко каде што се отвораат видиците“, рече Фурлан.

Идејата за изградба на гондолата во 2023 во Советот ја предложи советникот Иван Чулакоски од Поинаку и беше изгласана едногласно. (Фото: СДК.МК)
Општина Битола веќе има издвоено пари за изгработка на физибилити студијата. Градоначалникот Тони Коњановски при дискусијата рече дека и тој само еднаш бил на врвот Антена и би сакал да го посети повторно. Па, ваквата инфарструктура ќе овозможи убавините на планината на бидат достапни за сите посетители. Рече дека ова е само почеток, а процесот ќе биде долг, но искуствата покажуваат дека гондолите можат десеткратно да ја зголемат посетеноста и профитот.
„Во опција се повеќе патеки до горе. Почетна станица би била некаде во реонот на Дихово, тоа е едната опција, потоа постои локација и кај Ротино и Цапари, неколку патеки, но не подолги од 9 километри, и целта би била со една попатна станица која ние би сакале да биде кај Копанки или Молика бидејќи веќе има инфраструктура и би одела до Антена“, рече Коњановски.
Идејата за изградба на гондолата во 2023 во Советот ја предложи Иван Чулакоски од Поинаку. Беше изгласана едногласно. Но, тој за да ја забрза процедурата во изминатиот период се пушташе дури и по костум на штица за сноубординг од врвот Пелистер.
„Предлагам почетната станица да биде помеѓу Битола и Дихово. Тоа земјиште е на државата односно на Општина Битола и лесно можеме да направиме пренамена. Меѓустаницата да биде кај Инфоцентарот каде има адреналиски парк, зип линија, хотелот ‘Молика’ и каква-таква жичница со скијачки центар каде годинава ќе има и ноќно осветлување. Врвот Антена е лоша позиција за таму да заврши гондолата, но месноста наречена Седло е идеална за таа позиција да биде завршна станица“, рече Чулакоски.
Таму, според него би можело да има некаков објект, не за сместување, туку место каде гостите ќе можат да се стоплат и да се напијат чај.
„Во втората фаза е теренот од Седлото до Широка, еден природен амфитеатар со скијачки патеки за кои не треба многу, доволно е една или две жичници. Од другата страна има веќе пробиен шумски пат, па бајкерите ќе можат со гондола да се качат горе, а потоа да се спуштат надолу. Би била идеална позиција за четири сезони“, рече Чулакоски.
Иванчо Тошевски, директор на Националниот парк „Пелистер“ речедека мора да се пристапи со голема претпазливост поради моликовата шума и зоните за строга заштита. Тој нагласи дека мора да се најде совршен баланс меѓу искористувањето и заштитата на природата. За појдовнна точки рече дека најадекватно е селото Цапари.
„Мислам дека исправен е ставот да се оди со минимални корекции на она што го имаме, а Баба Планина била на фронтовата линија, па има голем број на патеки и патишта кои можат да бидат искористени. Патниот правец од Инфоцентарот преку Цапарска Пресека, Широка преку Семафори, се наоѓа во бафер зона што значи може да се размислува за таква инфраструктура во тој дел“, рече Тошевски.
Ж. ЗДРАВКОВСКА
Можеби ќе ве интересира и ова:



