Утринава пред 4 часот избувнал голем пожар во сервис за возила лоциран во Каменик во Пинтија, над поранешната фабрика „Стаклара“, соопшти директорот на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС), Стојанче Ангелов. Во сервисот имало повеќе автомобили, масло и други запаливи материјали.
„Скопската Бригада за противпожарна заштита веднаш излезе на лице место со осум возила и после тешка борба со огнот, пожарот беше изгаснат пред шест часот“, вели Ангелов.
Директорот кажа и дека синоќа пред 23 часот повторно имало пожар во депонијата „Дрисла“, на друго место, подалеку од местото кое беше активно претходните денови.
„На лице место веднаш се упатија скопските пожарникари кои започнаа со гаснење, но поради спецификата на пожарот беше потребно истовремено затрупување на опожарената површина, поради што се активираа градежни машини кои веќе беа таму. Еден час подоцна пожарот беше изгаснат и затрупан, со што беше спречено ширење на огнот во главнината на депонијата“, вели директорот.
Според последните информации од ЦУК, до 7 часот, на територијата на земјава имало 13 пожари на отворен простор, од кои еден е активен, под контрола се два пожара, а изгаснати се десет.