Градоначалникот Орце Ѓорѓиевски денес најави дека Владата за Град Скопје ќе набави 100 нови електрични автобуси. Кога ќе бидат набавени автобусите не се знае, бидејќи тендерот уште не е распишан. Минатиот тендер кој лани во јуни го распиша Министерството за транспорт и врски за набавка на 120 автобуси, од кои 80 за Скопје, пропадна затоа што единствената фирма која се пријавила не ги исполнувала потребните услови.
Оттогаш поминаа шест месеци, а нов тендер не е распишан. Ѓорѓиевски е на функцијата од ноември 2025.
На 30 јануари, премиерот Христијан Мицкоски за планот за набавка на најавените нови еколошки автобуси изјави дека за тоа на владина седница е „донесена одлука, во рамките на ‘Влада со Влада’ договорот којшто го имаме со Унгарија“.
„Дел ќе биде кредит, под оние исти услови коишто ги имавме и во претходниот случај, односно 3 години грејс период, дополнителни 12 години отплата, значи 15 години со истата каматна стапка. Градот Скопје во претходна анкета побара 250 вакви автобуси, за него ќе бидат отстапени 100, со 50 полначи, а останатите општини коишто имаат организиран градски превоз, побараа, мислам дека побараа 89, а ќе добијат 50, со 25 полначи“, рече Мицкоски.
Ѓорѓиевски на својот фејсбук профил го повтори ова, без да каже кога ќе се распише тендер и кога овие автобуси би стигнале.
„Како што беше посочено и од премиерот Христијан Мицкоски, на Град Скопје ќе му бидат доделени 100 автобуси и 50 полначи, што ќе овозможи побезбеден, понавремен и подостоинствен јавен превоз, но и значително подобрување на квалитетот на воздухот и заштита на животната средина. Набавката на автобусите е дел од стратешкиот договор влада со влада меѓу Република Македонија и Унгарија, кој овозможува реализација по исклучително поволни услови“, напиша Ѓорѓиевски.
Од Град Скопје до објавување на текстот не одговорија на прашањето дали станува за збор за оние 80 автобуси за кои пропадна тендерот летоска или станува збор за нова набавка на уште 100 автобуси.
- НОВИ АВТОБУСИ НЕМА, ГРАД СКОПЈЕ ЈА ЧЕКА НАБАВКАТА ОД ВЛАДАТА, А ТЕНДЕРОТ УШТЕ НЕ Е РАСПИШАН
- НЕМА ДОПОЛНИТЕЛНИ 55 ПРИВАТНИ АВТОБУСИ ВО СКОПЈЕ, САМО ГИ ЗАМЕНУВАМЕ СТАРИТЕ ВОЗИЛА СО ПОНОВИ И ЕКОЛОШКИ, ВЕЛАТ ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ
И да биде успешен тендерот овојпат, потребни се неколку месеци за да се заврши. Најпрво се распишува тендер кој трае најмалку еден месец, па следи избор на фирма, потоа се дава рок за жалби, по што би се потпишал договорот. Потребно ќе биде и време за фирмата која ќе биде избрана на тендерот да ги испорача автобусите. Досега, во мандатите на ексградоначалниците Коце Трајановски и Петре Шилегов, кога беа набавени нови автобуси потребни беа најмалку 6 месеци за да почне испораката на возилата. Исто така, никогаш сите автобуси на стигнуваат одеднаш туку се испорачуваат дел по дел. Тоа значи дека оваа година ќе нема нови 100 автобуси на улиците.
Во Скопје и понатаму јавниот превоз е нередовен. ЈСП „Скопје“ нема доволно автобуси па затоа се вози по редуциран возен ред. Граѓаните од населбите каде минува само еден автобус и понатаму чекаат на станиците не знаејќи кога ќе им дојде возило. Таков е случајот со населбата Хром каде минува само еден автобус број 4, Кисела Вода каде минува 24-ка, Пржино каде вози само 16-ка. Во населбите Ге-Ге и Волково исто така 22-ка се чека и по 40 минути. Жители на оваа населба велат дека ако не возат приватните превозници, автобуси нема.
На одредени линии воопшто нема автобуси на ЈСП туку нив ги одржуваат приватните превозници, како што е линијата 19 во Шуто Оризари. Често се случуваше на оваа линија приватните превозници да не возат бидејќи Градот им должеше пари, па жители на Шутка беа отсечени од градот.
А. АНТЕВСКА



