Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски денеска објави дека трасата на Брзиот автобуски превоз (БРТ) нема да биде низ средишното зеленило туку по крајната коловозна лента. Оваа лента и сега е наменета само за автобуси, но тоа никој не го почитува, и не само што возила се движат по неа туку и се паркираат.
Ѓорѓиевски вели дека со зеленило ќе се направи бариера за во лентата да не можат да се движат возила.
„Трасата на БРТ нема да поминува низ средишното зеленило, со што се заштитуваат важни природни ресурси, вклучително и водоснабдувањето на градот. Наместо тоа, системот ќе се движи по крајните сообраќајни ленти, а дополнително ќе се предвиди ново зеленило како природна бариера. Проектот предвидува изградба на две главни линии – Исток-Запад и Север-Југ, воведување современи нископодни автобуси на ЦНГ/хибриден погон, како и поставување паметни станици и информативен систем за патниците. Воедно, системот ќе биде целосно интегриран со управувањето на сообраќајот во градот“, соопштија од кабинетот на Ѓорѓиевски.
Ѓорѓиевски на 6 февруари, на прашање да САКАМДАКАЖАМ.МК, кажа дека нема да се менува трасата на движење за брзиот автобуски превоз.
„Што да правиме, да го прекинеме ли проектот?. За него државата има земено кредит. Јас лично никогаш не сум го критикувал овој проект, туку имав забелешка дека треба да се продолжи до Драчево за да се опфати и тој дел од градот и тоа ќе го направиме. За критиките дека ќе минува над главната водоводна цевка, има експерти во таа област кои ќе кажат како тоа може да се направи, сега технологијата е отидена многу напред. Јавно ќе биде презентиран проектот пред јавноста пред да почне реализацијата“, рече тогаш Ѓорѓиевски.
На 24 март, градоначалникот Ѓорѓиевски најави дека Град Скопје почнува со реализација на проектот за Брз автобуски превоз откако Владата на седницата на 23 март го одобри договорот за негова имплементација. Проектот за БРТ во Скопје почна да се реализира во 2020, во време на владата на СДСМ кога градоначалник на Скопје беше Петре Шилегов, а договорот за заем од Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) го потпиша тогашниот министер за финансии Фатмир Бесими. Тогаш ВМРО-ДПМНЕ преку партиски прес-конференции и соопштенија остро го критикуваше проектот велејќи дека е скап и несоодветно решение за главниот град.
Потоа, 4 години кога градоначалничка беше Данела Арсовска во Советот на Град Скопје советниците од ВМРО-ДПМНЕ го блокираа проектот. Со тоа се изгубија 4 години, а јавниот превоз во градот е во колапс и нема автобуси бидејќи пола се расипани. На 24 март, министерот за транспорт и врски Александар Николоски, исто така, се пофали дека почнува реализацијата на БРТ проектот велејќи дека ќе биде биде готов за три години, односно во февруари 2029. Тоа значи дека да немаше блокади од ВМРО-ДПМНЕ изминативе 4 години, досега проектот ќе беше готов и немаше да се чека автобус по еден час на станиците.
Од државниот буџет од 2021 наваму се плаќаат 350.000 евра годишно камата на Европската банка за обнова и развој оти не се користи парите од кредитот во висина од 70 милиони евра за воведување БРТ.
А. АНТЕВСКА



