ГОСТИТЕ ОД БУГАРИЈА И ГРЦИЈА НАЈБРОЈНИ ВО ОХРИД И СТРУГА ЗА НОВА ГОДИНА, ЦЕНАТА ВО ХОТЕЛИТЕ ОД 50 ДО 100 ЕВРА ПО ЧОВЕК

    ГОСТИТЕ ОД БУГАРИЈА И ГРЦИЈА НАЈБРОЈНИ ВО ОХРИД И СТРУГА ЗА НОВА ГОДИНА, ЦЕНАТА ВО ХОТЕЛИТЕ ОД 50 ДО 100 ЕВРА ПО ЧОВЕКНа 15 дена пред Нова година се забележува голема раздвиженост и многу туристи. (Фото: СДК.МК)

    Охрид и Струга очекуваат бројни гости за време на божиќните и новогодишните празници. Според најавите, најбројни и годинава ќе бидат гостите од Бугарија, Србија, Албанија, Црна Гора и дијаспората.

    Најмногу гости со хотелски аранжмани, каде цената е од 50 до 100 евра по човек, има од Бугарија, помал дел се од Србија, а за католичкиот Божиќ, 25 декември, најмногу гости има од Грција.

    За туристите кои се очекува новогодишната ноќ да ја дочекаат во Охрид ќе има и организиран дочек на градскиот плоштад, а прослави  има организирано и во повеќе хотели, ресторани и кафулиња со голем број македонски музички ѕвезди и пејачи од соседството.

    На 15 дена пред Нова година, кафеаните и рестораните се полни и речиси секаде има жива музика. Се забележува голема раздвиженост и многу туристи.

    „Се очекува така да биде и во текот на новогодишните празници, бидејќи во локалите има богата новогодишна програма со настап на голем број македонски пејачи. И на плоштадот ќе има организиран дочек на Нова година, каде што, исто така, ќе настапат голем број македонски музичари“, вели Крсте Блажевски, претседател на Хотелската асоцијација на Македонија (ХОТАМ).

    Она што според Блажевски и понатака е најголем проблем е недостигот на квалитетен кадар.

    „Туризмот мака мачи со квалитетен кадар. Се мачиме да составиме тимови за работа“, вели Блажевски.

    Министерот за култура и туризам Зоран Љутков најави дека фокусот на туристичките политики во наредниот период ќе биде насочен кон развој на туризам 365 дена во годината, а не само во летниот период и за време на новогодишните празници кога Охрид бележи најголема исполнетост. Како што посочи, целта е да се создадат нови туристички содржини и настани кои ќе ја продолжат туристичката сезона и ќе обезбедат одржлив економски раст.

    „Секогаш може повеќе, но масовниот туризам некогаш создава одромни проблеми. Хотелските капацитети се исполнети во текот на летото, но ќе мора да работиме на тоа Охрид да живее и надвор од сезоната бидејќи навистина во овој период има што да се види и можеме да имаме 365 дена во годината туризам. Работиме на тоа да го зголемиме бројот на туристи надвор од туристичката сезона не само во Охрид и Охридскиот Регион туку работиме на тоа да бидат посетени и другите делови од Македонија. Сѐ уште е рано да се зборува, но бројката за разлика од претходната година е далеку зголемена по бројот на ноќевања“, вели Љутков.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира