ГОСТИВАРЕЦОТ АЛЕКСАНДАР РАДИЧЕСКИ ИМА КОЛЕКЦИЈА ОД 200 ФИКСНИ ТЕЛЕФОНИ И 25.000 УКРАСНИ КАМЧИЊА

    ГОСТИВАРЕЦОТ АЛЕКСАНДАР РАДИЧЕСКИ ИМА КОЛЕКЦИЈА ОД 200 ФИКСНИ ТЕЛЕФОНИ И 25.000 УКРАСНИ КАМЧИЊАИмам телефони кои се произведувале во држави од целиот Балкан, но исто така имам примероци произведени во Русија, Латвија, Украина, Германија, Австрија, Полска, Словачка, Јапонија, Тајланд, Австралија, САД, вели колекционерот Радически. (Фото: СДК.МК)

    Гостиварецот Александар Радически е колекционер на стари предмети. Неговата збирка содржи разни предмети, од кои најстариот е од 18 век, а најновиот е од 1986 година. Но, тоа што ја издвојува неговата колекција од многуте слични е што во неа има речиси 200 телефонски апарати, денес познати како „фиксни“ телефони. Меѓу нив има од најстарите модели произведени во почетокот на 20 век, па сè до оние кои се произведувале до 1986.

    „Уште како дете сакав да имам еден таков стар телефон, но немав прилика за тоа сè до почетокот на 2024 година, кога случајно, и на моја среќа, успеав да најдам еден таков. Од тој момент станав член во групи за телефонија и остварив контакти со многу луѓе. Така настана мошне широка и многу уредна колекција на стари фиксни телефони. Сега мојата колекција веќе брои безмалку 200 телефони, а периодот од кој потекнуваат е од Првата светска војна па сè до 1986 година. Имам телефони кои се произведувале во држави од целиот Балкан, но исто така имам примероци произведени во Русија, Латвија, Украина, Германија, Австрија, Полска, Словачка, Јапонија, Тајланд, Австралија, САД“, вели колекционерот Радически.

    Иако минатото немало дом кој немал ваков телефон, денес до нив не е така едноставно да се дојде, посебно до постарите модели.

    Збирка има над 25.000 украсни камчиња, уредно сложени во специјални фиоки и кутии, од кои сега Радичевски изработува тродимензионални слики. (Фото: СДК.МК)

    „Старите телефони, како тие на ‘Искра Крањ’ или на ‘ЕИ Ниш’, во минатото биле од големо значење за сечиј дом. Иако и сега понекаде може да се сретне некој ваков телефон, тој ретко се употребува и повеќе служи како украс или сеќавање на некое дамнешно време. Но, овие телефони, посебно постарите модели изработени од бакелит, се доста ценети и се многу ретки. Такви се легендарните: АТА 1, АТА 2, АТА 11 и АТА 12, ‘Пупиновите’ телефони на ‘ЕИ Ниш’ и други. Исто така, многу се интересни и телефоните од периодот на Првата светска војна и веднаш по неа, кои се со сосем поинаков облик од оние кои ние порано сме ги користеле. Да се дојде до еден стар модел телефон и не е така едноставно. Јас ги набавувам најчесто од пријатели или познаници, но и од огласи. Многу е интересна средбата на денешниве млади лица со овие мои стари телефони. Чудни им се и интересни, а најчесто им се допаѓа нивниот дизајн и облик, бидејќи тоа е нешто сосема поразлично од модерните мобилни телефони“, кажува Радически.

    Освен што е колекционер на стари предмети, тој за себе вели и дека е и уметник. Неговата уметност, како и неговата збирка стари телефони, е далеку од вообичаените. Тој има збирка од над 25.000 украсни камчиња, уредно сложени во специјални фиоки и кутии. Сега, со таа своја збирка украсни камчиња, почнал да изработува тродимензионални слики.

    „Камчињата не се купени или набавени, туку секое е најдено лично од мене. Потрагата по вакви украсни и необични камчиња ме водела по планини, реки, мориња и езера. Секое камче е во својот природен облик, такво какво што сум го пронашол во природата и воопшто не е обработувано. На овие камчиња решив да им дадам уметнички лик, па почнав да ги комбинирам со други природни материјали, со што добивам 3Д слики кои ги врамувам. Станува збор за исклучително сложен и макотрпен процес кој мора да се изведе во повеќе етапи за да се дојде до успешна реализација. Овие слики се доста барани на пазарот, а со добиените средства набавувам алат, рамки, специјални спрејови и друг материјал и, секако, ги користам за збогатување на мојата колекција“, вели Радически.

    Во колекционерската збирка на Радически, освен телефоните, има и машини за шиење, фенери, позлатени шнајдерски ножички, сребрени чајници, будилници, керамички предмети, стари филигрански предмети, стар алат, стари монети и банкноти и друго. Најстариот предмет е од 17 век, а најмногу предмети му се од периодот на Првата светска војна и по неа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира