ГРАД СКОПЈЕ ГИ УКИНА УЛИЧНИТЕ МУЗИЧАРИ, ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ ЗА ФЕСТИВАЛ

    ГРАД СКОПЈЕ ГИ УКИНА УЛИЧНИТЕ МУЗИЧАРИ, ПАРИТЕ ЌЕ ОДАТ ЗА ФЕСТИВАЛСпоред програмата за оваа година која ја реализира Конгресниот центар „Александар Македонски“ не е предвидена финансиска поддршка за улични музичари туку парите ќе се наменат за организација на фестивал за улични свирачи кој ќе трае 4 дена и ќе се одржи кон крајот на јуни.(Фото: Конгресен центар „Александар Македонски“)

    Уличните музичари кои свиреа низ центарот на Скопје оваа години се укинуваат. Град Скопје годинава нема да го реализира проектот улични музичари, на кој средношколци и студенти шест месеци свиреа во Градскиот трговски центар (ГТЦ), Плоштадот Македонија, Плоштадот Филип Втори и на улица Македонија.

    Според програмата за оваа година која ја реализира Конгресниот центар „Александар Македонски“, не е предвидена финансиска поддршка за улични музичари туку парите ќе се наменат за организација на фестивал за улични свирачи, кој ќе трае 4 дена и ќе се одржи кон крајот на јуни. Во програмата за соло музичари и музички групи за културно-забавно афирмирање на граѓаните за оваа година предвидени се 2,5 милиони денари.

    Иако од оваа година низ центарот на Скопје секој ден нема да ги има уличните музичари, градоначалникот Петре Шилегов вели дека не го укинуваат проектот туку имаат нов концепт.

    „Не ги укинуваме уличните музичари. Универзална сала која го спроведува проектот за оваа година има нов концепт, односно ќе се прави фестивал на улични музичари, на него ќе учествуваат и групи од повеќе европски земји. Сите кои досега учествуваа во проектот улични музичари можеле да конкурираат и на овој проект“, вели Шилегов.

    Музичарите кои неколку години се дел од овој проект велат дека со укинувањето на овој проект не можат на нивна иницијатива да свират во центарот, оти потребно е Градот да им одреди локација а досега никој не одговорил на нивните барања.

    Проектот улични музичари се реализираше изминативе седум години. Град Скопје секоја година во февруари распишуваше повик за учество и избраните музичари секој месец добиваат паричен надоместок. Целта на овој проект кој беше воведен од ексградоначалникот Коце Трајановски беше културно заживување на духот на градот.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира