Оштетениот споменик на децата бегалци во паркот Жена борец комплетно ќе биде реконструиран. Споменикот беше оштетен лани во октомври, запуштен е и не работи фонтаната. Плочите на споменикот кои биле оштетени, по налог на Град Скопје се извадени за да се обноват.
„На посочената локација Град Скопје врши комплетна реконструкција на одредени оштетувања, каде постапката е во тек. Со цел вршење на овие зафати, неколку од одредени елементи се отстранети. Со овој зафат ќе се постави комплетно нова инсталација на фонтаната, а ќе бидат поставени и нова пумпа и прскалки“, велат од Град Скопје.
Споменикот е посветен на егзодусот на над 20.000 деца–жртви од Граѓанската војна во Грција 1946-1949, а беше поставен на 30 јуни 1988, кога во Скопје се одржа Првата светска средба на децата бегалци.
А. АНТЕВСКА