Град Скопје почна со подготвителни работи за враќање на споменикот на Андон Лазов-Ќосето. На кружниот тек кај хотелот „Континентал“ поставена е табла на која стои дека Град Скопје и ЈП „Улици и патишта“ ќе изведуваат градежни работи за поставување на споменикот. На просторот е почнато бетонирање на местото каде ќе стои постаментот.
Засега нема најави од Градот кога ќе биде поставен споменикот.
Одлуката за враќање на споменикот на контроверзниот Андон Лазов-Ќосето (1855-1953) со кама в рака, познат во историјата како ликвидатор на ВМРО, кој си го убил и брата си, беше донесена на Советот на Град Скопје во декември лани. Градоначалничката Данела Арсовска неколку месеци по стапување на функцијата најави дека ќе го враќа Ќосето. Нејзиното барање советниците два пати не го гласаа, но лани барањето беше одобрено. За враќање на споменикот гласаа 15 советници од ВМРО-ДПМНЕ, 4 од Левица, по еден од Демократски сојуз, Гром и советничката Ирена Витина која излезе од ВМРО-ДПМНЕ и ја поддржува Арсовска. Според изгласаната одлука, наместо пред комплексот судови споменикот ќе биде поставен на нова локација, до кружниот тек на булевар Александар Македонски кај хотелот „Континентал“.
„Се работи за исклучително важна историска личност и еден од најголемите македонски револуционери чиј споменик неправедно и шверцерски беше отстранет од претходното градско раководство. Нема да дозволиме споменикот на македонскиот револуционер да рѓосува по магацини, затоа апелираме час поскоро оваа точка да биде ставена на дневен ред во Советот на Град Скопје и веднаш да биде изгласана“, напиша Арсовска пред гласањето на одлуката.
Споменикот на Ќосето беше ставен пред комплексот судови во време на ексградоначалникот Коце Трајановски, а кога на функција дојде Петре Шилегов беше отстанет и на негово место беше засадено дрво гинко.
А. АНТЕВСКА