За градежна парцела во битолската касарна која е наполнета со вода, пред повеќе од еден месец од Општината добивме одговор дека нема опасност за околните објекти, а сега градоначалникот заедно со општинската инспекција при обиколка на терен, соопштија дека е небезбедно и постои опасност од одрон на тротоарот. Станува збор за парцела во должина од дваесетина и ширина од десетина метри преполна вода. Околу неа има улици, згради и објекти во градба.

„Незбебедно е, имавме реакции од луѓето кои живеат овде, видени се и деца кои влегуваат во објектот. Објектот мора да се заштити подобро, гледаме дека е голем базен“, вели градоначалникот Тони Коњановски на видеото од 23 јануари. (Фото: СДК.МК)
На 17 декември 2025, по шегите на битолчани на социјалните мрежи дека таму ќе биде зимското лизгалиште, побаравме од Општината одговор дали можат да преземат нешто за поплавата и дали постои опасност по околните објекти? Го добивме следниот одговор:
„Објектот има одобрение за градба, нема опасност за околните објекти, а општинската комунална инспекција го штити јавниот интерес на јавните, а не и на приватните површини, па обврската е на сопственикот“.
По повеќе од еден месец, градоначалникот на 23 јануари објави видео во кое дел од увидот во касарната ја опфаќа и оваа парцела. На видеото заедно со општинскиот инспектор кажуваат дека градилиштето е небезбедно и дека постои опасност од одронување на тротоарот на сообраќајницата.
„Незбебедно е, имавме реакции од луѓето кои живеат овде, видени се и деца кои влегуваат во објектот. Објектот мора да се заштити подобро, гледаме дека е голем базен“, вели градоначалникот Тони Коњановски на видеото.
Инспекторот посочува дека предупредување до градежната компанија е испратено, па ја чекаат нивната реакција, ако не се санира состојбата следно ќе биде казна.
Покрај неправилностите во начинот на обезбедување на некои од парцелите каде што се гради, евидентиран е и случај на узурпација на земјиште. Ако не се постапи според законските одредби, од Општината најавија дека во најскус можен рок ќе следуваат санкции.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



