ГРАДИНКИТЕ ВО ВЕЛЕС ЌЕ ЗГРИЖАТ 650 ДЕЦА, ДОКУМЕНТАЦИЈА ДОСТАВИЛЕ 404 РОДИТЕЛИ

    ГРАДИНКИТЕ ВО ВЕЛЕС ЌЕ ЗГРИЖАТ 650 ДЕЦА, ДОКУМЕНТАЦИЈА ДОСТАВИЛЕ 404 РОДИТЕЛИПрифаќањето на децата е во периодот од 5:30 до 8:30 часот, а заминувањето од градинка до 18 часот (Фото: СДК.МК)

    Во шесте клона на градинките „Димче Мирчев“ во Велес од среда ќе бидат згрижени 404 деца. Толкав е бројот на родители кои се пријавиле и донеле документација, според која нивното дете може да биде прифатено.

    „Во моментот, во установата се запишани 1.061 дете, од кои, според новите протоколи, може да бидат згрижени 650, а бројот на родители кои доставиле потврда е 404. Толкав број родители доставиле потврда дека двајцата се вработени или за самохран родител. Во зависност од возраста на децата, согласно протоколите во групите од нула до две години ќе бидат згрижени по шест деца, а во групите од две до шест години по 15 деца“, кажа Маја Велиновска, директорка на градинки во Велес.

    Децата ќе спијат по групи во занимална, на посебно обележано креветче за секое дете и со обезбедени две постелнини. Креветчињата се поставени на растојание, а родителот е должен да донесе пижами. Прифаќањето на децата е во периодот од 5:30 до 8:30 часот, а заминувањето од градинка до 18 часот. Родителот во писмена изјава наведува најмногу две лица кои ќе го носат и земаат детето од градинката.

    Трите клона во село Караслари и во населбите Градско и Чашка ќе работеле, иако интересот за згрижување деца во овие објекти бил мал.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира