ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ВЕЛИ ДЕКА Е ОТВОРЕНА НОВАТА ГРАДИНКА ВО ТЕТОВО, МИНИСТЕРОТ ЛИМАНИ КАЖА НАСКОРО ЌЕ СЕ ОТВОРИ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ КАСАМИ ВЕЛИ ДЕКА Е ОТВОРЕНА НОВАТА ГРАДИНКА ВО ТЕТОВО, МИНИСТЕРОТ ЛИМАНИ КАЖА НАСКОРО ЌЕ СЕ ОТВОРИГрадинката „Рилиндја“ се градеше неколку години, а кога беше завршена оваа година, повеќе месеци не може да почне со работа (Фото: Фејсбук)

    Градоначалникот на Општина Тетово Билал Касами и министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани вчера го посетија објектот на новата градинка во Тетово. По настанот на кој не беа повикани новинарите, и Касами и Лимани објавија соопштенија за посетата, но со сосема различни заклучоци.

    На официјалниот фејсбук профил на Касами за вчерашната посета стои:

    „Со министерот за социјална политика, демографија и млади Фатмир Лимани и со директорката Фатлинда Јаја ја пуштивме во употреба градинката ‘Рилиндја‘ во Тетово. Со отворањето на овој објект ќе се намали листата на деца кои чекаат да се запишат во градинка, а тоа е благодарение на нашата посветеност како Општина, но и благодарение на придонесот на актуелната Влада“.

    Наспроти ова, во соопштението на Министерството за социјална политика, демографија и млади, како и на фејсбук профилот на министерот Лимани се вели дека бил направен само увид на објектот пред неговото отворање.

    „Новата градинка ‘Рилиндја‘ во Тетово е целосно завршена, стручен кадар е обезбеден, се формираат групите и наскоро ќе започне со згрижување деца. Заедно со градоначалникот на Општина Тетово, Билал Касами, денеска го посетивме новиот објект ‘Рилиндја‘ при јавната установа ‘Младост‘, со цел увид во активностите пред неговото отворање. Отворањето на градинката ќе овозможи влез на нови 165 деца во предучилишниот процес. Изградбата е финансирана преку годишната акциска програма ‘Поддршка на ЕУ за образование, вработување и социјална политика‘ за 2017 година, со вкупен буџет од околу 805.000 евра. За нејзино нормално функционирање обезбедени се и вработувањата за 29 лица“, пишува на фејсбук профилот на Лимани.

    Оваа градинка се градеше неколку години, а кога конечно беше завршена оваа година, повеќе месеци не може да почне со работа бидејќи не беа обезбедени средства за лицата кои ќе работат во неа.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира