Паркирањето по велешките улици се најде како проблем и советничко прашање на седница на Советот на Општина Велес. Неколкумина членови ја актуализираа состојбата, посочувајќи неколку примери, поради што сообраќајот во градот трпи.
„Не велам дека имаме идеални улици за одвивање непречен проток, имаме зголемен број на возила, но имаме несовесни возачи. Паркирањето е најсериозниот проблем“, кажа советникот Марјан Николов.
Тој побара сообраќајот во близина на училиштата да го регулира сообраќаец во утринските и попладневните часови, кога родителите ги оставаат и земаат децата.
Градоначалникот Марко Колев одговори дека за паркирањето се надлежни СВР Велес и сообраќајната полиција и кажа дека ќе побара средба со новиот командир на оваа служба Трајче Мечалов.
„Му честитам на новиот началник и од ова место апелирам да постави ред во возењето, паркирањето и сообраќајната култура во градот. Иако дел од возачите имаат гаражи, тие паркираат на отворено, на улица. Наместо улиците да бидат место за разминување, станаа место за паркирање“, кажа Колев.
Тој посочи неколку локации каде што следната година се предвидува нов простор за паркирање, како местото на урнатиот театар.
„Во генералниот план таму има зграда, јас неа не можам да ја избришам, но имаме пресуда на Управен суд. Почитувајќи ги барањата на граѓаните од тој дел, мислам дека најдобро решение е таму да се изгради паркинг и локацијата хортикултурно да се уреди. Тоа би било времено решение“, кажа Колев.
Идентична судбина има и просторот на поранешниот АТД Диспанзер, кој се сруши, а на негово место е предвидена зграда. Но, како времено решение се направи паркинг.
Градоначалникот Колев најави дека како простор за паркирање ќе се уреди и користи делот од кејот зад шеталиштето, каде и сега се паркираат автомобили. Ја најави и изградбата на подземна гаража во центарот на Велес, што треба да почне во јануари.
П. ПЕЧКОВ