ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌУРА АНГАЖИРАЛ ПРИВАТНА ФИРМА КОЈА ЌЕ ГО ИСПИТУВА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОДАТА ВО СТРУГА, А ЗА ПРОБЛЕМОТ ЈА ОБВИНИ ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТ

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ ЌУРА АНГАЖИРАЛ ПРИВАТНА ФИРМА КОЈА ЌЕ ГО ИСПИТУВА ЗАГАДУВАЊЕТО НА ВОДАТА ВО СТРУГА, А ЗА ПРОБЛЕМОТ ЈА ОБВИНИ ПРЕТХОДНАТА ВЛАСТВо Струга веќе една недела од чешмите тече заматенa темнокафеава вода, која е целосно забранета за користење. (Фото: СДК.МК)

    Градоначалникот на Струга, Менди Ќура, најави дека на 16 февруари приватна институција од Скопје ќе ги испитува причините за загадувањето на водата. Лично тој ја ангажирал за да конечно се реши проблемот поради кој стружани веќе една недела не можат да ја користат водата од градскиот водовод оти од чешмите им тече заматенa темнокафеава вода, која е целосно забранета за користење.

    „Сигурно дека состојбата со водата не е добра, има висока заматеност во моментов, и нормално како Општина и јас како градоначалник сме загрижени, но работиме на случајот, преземени се сите мерки, сите надлежни органи, институции веќе работат и веруваме дека за неколку дена стружани ќе имаат чиста вода за пиење и користење. Веќе в понеделник имаме нарачано да дојде од Скопје приватна институција која ќе испитува од каде се случува овој феномен“, изјави градоначалникот Ќура.

    Тој ја обвини поранешната локална власт за, како што рече, лошо менаџирање и ненавремено преземање мерки.

    „Се мисли дека може да е настанато од земјотрес или од лица кои работеле од 2020 година и претходно, со копање во горниот дел на базенот, но не можам да потврдам со сигурност. Овој не е прв случај, досега имало неколку. Станува збор за слабо менаџирање, односно непреземање мерки кои се потребни за ваква ситуација од бившите директори, од бившата власт и мислам дека сите чинители ќе одговараат за ваквата состојба, дали се тоа приватни или правни лица“, вели градоначалникот Менди Ќура.

    Основното јавно обвинителство (ОЈО) Струга оформи предмет за да се испитаат причините и евентуално сторени кривични дела против животната средина и природата.

    „Во координација со Министерството за внатрешни работи, издадена e наредба за правосудната полиција да изврши увид на локација во селото Шум, каде се сместени изворите од кои подрачјето на градот Струга се снабдува со вода за пиење. При увидот треба да бидат присутни и надлежни инспекциски служби од областа на животната средина, од Агенцијата за храна и ветеринарство, како и од Центарот за јавно здравје. Ќе бидат преземени и други дејствија на проверки“, соопштија од Обвинителството.

    Директорот на Јавното претпријатие „Водовод“ Струга, Меџијаит Јусуфоски, пред три дена за ваквата, како што ја нарече голема катастрофа, поднесе оставка од морална причини.

    Водата од градскиот водовод во Струга и понатака останува забранета за користење.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира