ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БОГОВИЊЕ ИСТРАЖУВАЛ ДАЛИ НАВИСТИНА СЕ ПОСТАВУВА 5Г МРЕЖА ВО НЕГОВАТА ОПШТИНА ПО ПОПЛАКИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ ДЕКА УГИНУВААТ ВРАПЧИЊА

    ГРАДОНАЧАЛНИКОТ НА БОГОВИЊЕ ИСТРАЖУВАЛ ДАЛИ НАВИСТИНА СЕ ПОСТАВУВА 5Г МРЕЖА ВО НЕГОВАТА ОПШТИНА ПО ПОПЛАКИТЕ НА ЖИТЕЛИТЕ ДЕКА УГИНУВААТ ВРАПЧИЊАЖителите на Боговиње споделувале и снимки и фотографии на социјалните мрежи на кои се гледааат угинати и неколку птици, што предизвикало вознемиреност кај дел од населението. - Базна станица во Боговиње (аматерска фотографија)

    Градоначалникот на Општина Боговиње Албон Џемаили морал да се обрати до Министерството за транспорт и врски, Министерството за екологија и до Агенцијата за електронски комуникации да провери дали навистина во неговата општина се инсталира опрема за 5Г мрежа, откако негови сограѓани му се пожалиле дека монтери од операторот А1 на постоечката антена на базна станица во селото монтираат опрема за пренос на 5Г сигнал. Жителите на Боговиње споделувале и снимки и фотографии на социјалните мрежи, наводно направени веднаш потоа, на кои се гледааат угинати и неколку птици, што предизвикало вознемиреност кај дел од населението и тие интервенирале кај Џемаили, барајќи одговор кој дозволил во нивното место да се инсталира 5Г мрежа.

    „И јас слушнав за ова од жителите на Боговиње и затоа веднаш се обратив до Министерството за транспорт и врски, Министерството за екологија и до Агенцијата за електронски комуникации која дава вакви дозволи а исто така се обратив и кај операторите за да дознам дали има вистина во овие тврдења на жителите од Боговиње. Набрзо од мобилниот оператор А1 добив писмено известување дека не се работи за инсталирање на 5Г опрема, туку се работи за зајакнување на постоечката мрежа бидејќи во овој период кога луѓето повеќето од времето се дома и на интернет се јави потреба да се засили мрежата за да има подобар пренос на податоците. Имаше на социјалните мрежи поставено и снимки од угинати врапчиња но јас не можам да тврдам дека тие снимки се направени во Општина Боговиње, јас видов вакви снимки и од Грција. Во секој случај, сега веќе немаме поплаки од граѓаните бидејќи и на ним им стана јасно дека нема никакво инсталирање на 5Г мрежа“, вели Џемаили.

    Градоначалникот се пошегува дека „луѓето во овој период на ограничено движење најверојатно нема што да прават па поголемиот дел од денот седат дома и така се занимаваат со овие ’проблеми‘, па испадна дека Општина Боговиње е најнапредна општина од цел Западен Балкан и прво во неа се инсталира оваа мрежа“.

    5Г мрежата е нов стандард во мобилната телефонија, која носи неколкукратно побрз трансфер на податоци од актуелната 4Г мрежа. Достапноста на 5Г мрежата е ограничена, откако почна да се имплементира во најразвиените земји минатата година. Кај нас не се доделени фреквенции на операторите за користење на услугите на 5Г мрежата.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира