Поради зголемениот број на новорегистрирани на КОВИД-19 и уште два смртни случај во Куманово, градоначалникот Максим Димитриевски на прес-конференција повторно го актуелизираше барањето до Владата и Централниот кризен штаб, за 14- дневен контролиран карантин и воведување на кризна состојба на територијата на општина Куманово. Тоа практично би значело затворање на влезот и излезот на градот и дезинфекција за сите возила и лица коишто влегуваат и излегуваат.
Во Куманово денеска се потврдени 25 новозаболени и двајца починати од коронавирус. Со тоа вкупната бројка во општината изнесува 236 заразени и 12 починати.
Најалармантно е во Кумановската болница каде што има заболено 44 здравствени работници, поради што Општината бара реорганизација во нејзиното работење.
„Кризната состојба ја бараме за да се засили присуството на државните институции и органи, директно да се вклучат на територија на Општина Куманово во борба против вирусот по примерот на Дебар. Сметаме дека ова е добар пример којшто може да се примени и во Куманово со цел ова болест да биде искоренета на територија на нашата општина, а воедно да не претставуваме закана и за останати општини во регионот со ширење на вирусот“, вели Димитриевски
Тој додава дека олеснување ќе има само на лица кои треба да вршат професионални задачи и со посебна дозвола ќе излегуваат и ќе се враќаат во градот.
„Апелираме до Владата овој предлог да биде разгледан што поскоро и да излезе со конкретен предлог и препораки за граѓаните, но и акти коишто ќе се извршуваат“, рече Димитриевски.
С. НИКОЛИЌ