Советот на Општина Велес донесе одлука со градскиот базен ова лето да стопанисува ЈП „Парк, спорт и паркинзи“. Тоа се однесува на следните летни месеци, откако на јавниот повик немаше заинтересиран закупувач кој би го работел објектот. ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ можат да стопанисуваат со базенот, бидејќи имаат шифра за извршување ваква дејност.
„Интересот за закупување е намален оти се отворија бројни базени по хотелите каде не се наплатува влезница, а овде се плаќа билет. Две години имаше ковид пандемија, опадна интересот за негово користење“, вели градоначалникот Марко Колев.
Во работата на градскиот базен ќе помага и ЈКП „Дервен“ со снабдување вода, пречистување на водата, обезбедување филтри. Од претпријатието велат дека во моментов се работи да се завршат сите тахнички зафати за да може викендов да биде отворен за посетители.
Според одлуката на Советот на Општина Велес, дневната карта ќе чини 60 денари, месечен билет е 1.200 денари, а сезонската е 1.800 денари. Дел од советниците од опозицијата сметаа дека цената на месечниот и сезонскиот билет е превисока, но од ЈП „Парк, спорт и паркинзи“ сметаат дека сезоната за капење ќе трае до средината на септември и ќе може посетителите да ги искористат месечната или сезонската карта.
Советот одлучи да ги изнајмува трите шанка, по цена од 18.500 денари за шанк, месечно. Имаше реакции зошто не е спроведено електронско наддавање, но објаснија дека ако се постапело така ќе се изгубело најмалку еден месец во процедури и постапки, поради што ќе се врши одредување на наем преку ждрепка. Работното време на градскиот базен е од 9 наутро до 1 часот по полноќ, додека капење е до 19 часот.
П. ПЕЧКОВ