ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ПРОНАЈДЕНИ И ПОД ПАТОТ ЗАД БИТОЛСКИОТ СТАДИОН, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ГИ ИМА

    ГРАНАТИ ОД ПРВАТА СВЕТСКА ВОЈНА ПРОНАЈДЕНИ И ПОД ПАТОТ ЗАД БИТОЛСКИОТ СТАДИОН, НЕ СЕ ЗНАЕ КОЛКУ ГИ ИМАГранатите засега се извлекуваат без да се руши патот, но не се знае до каде одат (Фото: СДК.МК)

    Патот зад стадионот „Под Тумбе кафе“ во Битола е затворен за сообраќај зашто пиротехничарите со помош на багер вадат гранати останати од Првата светска војна. Засега патот нема да се руши, но не е исклучена можноста тоа да се случи подоцна, во зависност од бројот на гранатите и колкава површина зафаќаат.

    Во делот каде што се работи патот е земјен, па заради поголема безбедност и за возачите и за пиротехничарите, затворен е од двете страни. Тоа е делница која ги поврзува периферијата на Битола, стадионот и рекреативната зона Тумбе кафе со новата населба во касарната.

    „Ги вадиме гранатите што се под патот. За да не го рушиме, се обидуваме да ги извадиме гранатите што се гледаат и ќе видиме дали е тука крајот или има уште понатаму под патот. Сообраќајот е запрен зашто се работи под патот, па има вибрација. Поминуваат и камиони, а ние долу работиме со бомби. Патот е веќе затворен и нема движење до завршување со работа денеска, а може и потоа да остане затворен, ако се ископа поголема дупка под него“, рече пиротехничарот Марјан Стефановски од Скопје, вклучен во акцијата.

    Ова е втор дел од акцијата за расчистување на неексплодираните убиствени средства од Првата светска војна, кои беа пронајдени кај стадионот во Битола. Првата беше на крајот на октомври, кога беа откриени над 500 гранати, но се гледаше дека бројката е уште поголема, па се продолжи и во ноември.

    „Заклучно со вчера, досега се подигнати околу 10.600 гранати. Денеска извлекуваме нови, а се очекува да излезат уште најмалку две-три илјади“, рече Ѓорѓи Стефанов, пиротехничар од Битола.

    Овој месец ќе започне уништување на гранатите на полигонот во Криволак. Се претпоставува дека ќе бидат потребни 100 транспорти со камиони за да се пренесат бомбите, а уништувањето ќе трае неколку месеци.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира