Министерката за култура на Грција, Лина Мендони, во придружба на колегата од Македонија, Седат Сулејмани, ја посети црквата „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново, Преспа, каде што тим експерти од двете земји од 2022 до 2025 година ги вршеа реставрацијата и конзервацијата на вредните фрески во внатрешноста на објектот, кој датира од 1191 година.
Меѓу нив е и фреската со ангели над олтарот, каде што е насликан и Архангел Гаврил, познат како ангелот од Курбиново. Овие фрески се сметаат за едни од најдобрите примери на уметничкото и сликарското достигнување од византискиот период. Ангелот од Курбиново е пресликан на македонската банкнота од 50 денари.
Ова е прва посета на владин претставник од Грција на црквата во Курбиново. Грчката делегација, како што објавија грчките медиуми, беше првата кој го помина граничниот премин Маркова Нога-Лемос, кој е во изградба и се очекува да биде готов до крајот на 2027 година.
Министерот Сулејмани, истакнувајќи ја успешната соработка помеѓу институциите и стручните лица од Македонија и Грција, посочи дека завршената конзервација на фрескоживописот во Курбиново претставува конкретен резултат од размената на знаења, искуства и експертиза. Тој ја нагласи и важноста на присуството на министерката Мендони, како потврда за посветеноста на двете земји кон натамошно унапредување на соработката во областа на културата и заштитата на културното наследство.
Соработка на Македонија и Грција за Курбиново започна пред неколку години, кога на покана од Министерството за култура на Македонија, предводено од министерката Ирена Стефоска, во реставраторските зафати беше вклучен Европскиот центар за византиски и поствизантиски споменици (EKBMM) пд Солун. Грчките експерти во соработка со македонските од 2022 работеа на терен и успеаја до 2025 да ги завршат реставрацијата и кознервацијата на фрескоживописот во вантрешноста.
Долги години претходно, „Свети Ѓорги“ беше оставена на забот на времето, објектот беше со нарушена статика, а фреските пожолтени. Заштитата беше заглавена во проекти на хартија и во долги административни постапки помеѓу институциите.
Во грчката делегација која денеска го посети Курбниново беа и Таксијархис Колијас, претседател на управниот одбор на EKBMM, Флора Карајани, директорка на центарот, Јанис Малукос, амбасадор на Грција во Скопје и Олимпија Викату, генерална секретарка на грчкото Министерство за култура.
Според EKBMM, конзерваторите користеле нови технологии и материјали за да ги стабилизираат фреските, да ги зајакнат нивните рабови и да го спроведат макотрпниот процес на чистење. Работата даде импресивни резултати, откривајќи ги живописните бои и експресивните детали на сликите.
„При конзервацијата на фреските на Курбиново нашиот тим ги користеше најнапредните методи во документирањето на патологијата и најнапредните технолошки алатки во толку големи размери, што Курбиново го сметаме за најдобро проучен споменик од византискиот свет. Соработката со колегите од Битола беше одлична и се засноваше на меѓусебно почитување. Резултатот од оваа билатерална соработка е исклучително успешен“, изјави д-р Флора Карајани, византолог од Солун, за САКАМДАКАЖАМ.МК во 2024 година.
Преостануваат конзерваторските зафати на надворешниот дел од црквата, но поради граничење на храмот со приватна парцела и други недостатоци во доставената документација, Управата за заштита на културно наследство одби да издаде конзерваторско одобрение.
Иако поранешниот министер за култура Зоран Љутков на 22 јуни 2026 тврдеше дека е надминат 13-годишниот проблем за поставување заштитна настрешница над црквата „Свети Ѓорѓи“ и дека се добиени дозволи од сопствениците на приватната парцела, од Управата за заштита на културното наследство соопштија дека е доставена изјава само од еден од повеќето сопственици. Исто така, од Управата соопштија дека правното лице каде што е заверен проектот за реставрација не поседува лиценца за изработка на проектна документација и овластување согласно закон.
Претходно имаше најави дека во зафатите за заштита на надворешната фасада од објектот исто така ќе учествуваат експерти од Грција.
Мендони ја посети византиската црква „Св. Ѓорѓи“ во Курбиново откако министрите за култура на Грција, Македонија и Албанија потпишаа декларација за поднесување заедничка кандидатура за вклучување на регионот Преспа на Листата на светско наследство на УНЕСКО.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



