ГУЖВАТА СЕ ПРЕЛЕА ПРЕД ДРУГИТЕ БАНКИ ВО БИТОЛА, КЛИЕНТИТЕ НА „АЛТА БАНКА“ ОТВОРААТ ТРАНСАКЦИСКИ СМЕТКИ НА ДРУГИ МЕСТА

    ГУЖВАТА СЕ ПРЕЛЕА ПРЕД ДРУГИТЕ БАНКИ ВО БИТОЛА, КЛИЕНТИТЕ НА „АЛТА БАНКА“ ОТВОРААТ ТРАНСАКЦИСКИ СМЕТКИ НА ДРУГИ МЕСТАПред повеќето експозитури чекаат десетици луѓе, а гужвите дополнително се зголемија бидејќи во овој период се исплаќаат пензиите на клиентите на другите банки. (Фото: СДК.МК)

    Денес нема редици пред „Алта банка“ во Битола, но гужвите се префрлија пред филијалите на другите банки. Граѓаните, особено пензионерите, нагрнаа да отвораат нови трансакциски сметки за да ги префрлат платите и пензиите. Пред повеќето експозитури чекаат десетици луѓе, а гужвите дополнително се зголемија бидејќи во овој период се исплаќаат пензиите на клиентите на другите банки. На некои места се чека и по еден час за да се стигне до шалтер.

    Постапката за префрлање на платата е поедноставна. Вработениот отвора нова трансакциска сметка и ја известува институцијата или фирмата во која работи за од следниот месец платата да му се исплаќа на новата сметка.

    За пензионерите, пак, постапката е покомплицирана. Тие можат да отворат сметка во друга банка, но велат дека за да ја префрлат пензијата, треба да добијат испис од „Алта банка“ и да го достават во новата банка.

    „Како да извадиме потврда или испис дека заминуваме од ‘Алта банка’, кога таа од вчера, 2 ноември, не работи со клиенти? Во другите банки ни велат да ја доставиме потврдата до 20-ти во месецот, во спротивно пензијата може да доцни“, велат загрижени битолчани.

    До објавувањето на текстот не добивме одговор од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување за тоа што можат да направат пензионерите за да ја префрлат пензијата во друга банка и да избегнат доцнење на исплатата.

    „За оние од нас што немаме пречекорен лимит, далеку од секоја здрава логика е да останеме заробени во некоја банка кога сакаме сопствените пари да си ги префрлиме во друга“, велат пензионери од Битола.

    Проблемот настана откако на 31 октомври Народната банка на Србија соопшти дека ѝ ја одзема дозволата за работа на „Алта банка“ АД Белград, која е сопственик и на банката во Битола. Во образложението беше наведено дека кај српската банка е утврдено значително влошување на финансиската состојба и ризик за интересите на нејзините депоненти.

    По ова, Народната банка на Северна Македонија воведе привремена администрација во битолската банка и дозволи неделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата преку платежни картички. Ова дополнително ги вознемири клиентите, особено оние што очекуваат плати и пензии на почетокот на ноември, а не можат слободно да располагаат со своите пари.

    Од Народна банка најавија дека пензионерите кои земаат пензија преку „Алта банка“, а немаат платежни картички, ќе можат еднократно да подигнат до 20.000 денари на шалтер.Од вкупно 11.500 пензионери кои што примаат пензија преку банката, околу 3.500 немаат платежни картички.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира