Народната банка најавува дека пензионерите кои земаат пензија преку „Алта банка“, а немаат платежни картички, ќе можат еднократно да подигнат до 20.000 денари на шалтер. Од кабинетот на гувернерот Трајко Славески велат дека се подготвува посебно решение за исплата на пензиите на околу 3.500 пензионери, со цел да им се олесни пристапот до нивните средства. Истовремено, се бараат решенија и за компаниите коишто имаат средства во банката, а треба да ги исплатат платите и да ги подмират обврските за даноци и придонеси.
„Од вкупно 11.500 пензионери кои што примаат пензија преку банката, околу 3.500 немаат платежни картички. За нив подготвуваме посебно решение за исплата преку шалтер. Целта е да им овозможиме полесен пристап до нивните средства, а јавноста ќе биде информирана веднаш штом ќе бидат утврдени сите потребни детали. Народната банка ги разгледува и можните решенија за компаниите коишто имаат средства на сметки во банката, а треба да ги исплатат платите на вработените и да ги подмират обврските за даноци и придонеси, имајќи предвид дека законскиот рок за нивно плаќање е до 15-ти во месецот“, вели гувернерот Славески.
- ЕВРОПСКАТА ЦЕНТРАЛНА БАНКА УШТЕ ВО 2024 ГОДИНА ЈА ИСТРАЖУВАШЕ АЛТА БАНКА ЗА ПЕРЕЊЕ ПАРИ, СРПСКАТА БАНКА БЕШЕ ГЛАВЕН КАНАЛ ЗА РУСКИ ТРАНСФЕРИ
- ЕКСПОЗИТУРИТЕ НА „АЛТА БАНКА“ ПРИВРЕМЕНО НЕМА ДА РАБОТАТ СО КЛИЕНТИ ОТКАКО НАРОДНАТА БАНКА ГО ОГРАНИЧИ ПОВЛЕКУВАЊЕТО ПАРИ НА 10.000 ДЕНАРИ НЕДЕЛНО ЗА ГРАЃАНИТЕ
-
УАПСЕН ДАВОР МАЦУРА, СОПСТВЕНИКОТ НА СРПСКАТА „АЛТА БАНКА“ И ЕДЕН ОД НАЈБОГАТИТЕ ЛУЃЕ ВО СРБИЈА
Во рамките на натамошните активности, Народната банка испратила известување до надлежниот регулатор во Србија, со барање во рок од три дена да се произнесе дали „Алта банка“ АД Белград ќе ги понуди на продажба акциите во „Алта банка“ АД Битола. Без разлика дали ќе се добиеме одговор од регулаторот, по истекот на десет дена Народната банка ќе ги понуди акциите на „Алта банка“ АД Битола на Македонската берза. Славески на 1 ноември кога се воведе администрацијата во банката кажа дека постои интерес од неколку потенцијални инвеститори, од земјата и од странство, за преземање на акциите.
Народната банка на Македонија на 1 ноември воведе привремена администрација во „Алта банка“ Битола, за да ги заштити средствата и интересите на штедачите и да ја зачува стабилноста на банката. Воведен е неделен лимит од 10.000 денари за плаќањата и повлекувањата од сметките преку платежни картички. Од вчера експозитурите на банката не работат.



