Ноќеска е приведен Давор Мацура, бизнисмен близок на Српската напредна партија (СНС) и сопственик на „Алта банка“, каде што е прогласен стечај.
Како што објави „Нова.рс“, полицијата повеќе од 30 часа вршела претрес во просториите на „Алта банка“, на која Народната банка на Србија во саботата ѝ одзеде дозвола за работа поради нарушена ликвидност и влошена финансиска состојба. Пред седиштето на „Алта банка“ во Белград викендов беше забележано засилено присуство на вооружени полицајци.
Одземањето на дозволата се одрази и врз функционирањето на „Алта банка“ АД Битола, чии експозитури од денеска не работат со клиенти, по воведувањето привремени заштитни мерки од страна на Народната банка на Северна Македонија.
Мацура е поранешен сопственик на менувачници, кој за време на владеењето на СНС изгради голема бизнис империја и стана еден од најбогатите луѓе во Србија.



