Експозитурите на „Алта банка АД Битола“ привремено нема да работат со клиенти, до дополнително известување. Ова го соопштија од банката на својата интернет-страница, по воведувањето привремени заштитни мерки од страна на Народната банка на Северна Македонија.
„Согласно одлуката на Народна банка, воведени се привремени заштитни мерки, со кои за физичките лица е утврден неделен лимит од 10.000 денари за користење средства преку платежните картички на банката. Нагласуваме дека преземените мерки имаат превентивен карактер и се насочени кон заштита на средствата и интересите на клиентите“, се вели во соопштението.
Одлуката доаѓа два дена откако Народната банка на Србија ѝ ја одзеде дозволата за работа на Алта банка АД Белград, која е сопственик и на битолската банка. За утре е најавен почеток на стечајна постапка за белградската банка.
Попладнево, гувернерот на Народната банка на Северна Македонија, Трајко Славески, соопшти дека во Алта банка АД Битола се воведува администрација за заштита на интересите на штедачите и зачувување на стабилноста на банката.
„Оваа мерка е од времен карактер и се воведува исклучиво поради случувањата со акционерот со квалификувано учество, Алта банка АД Белград. Алта банка АД Битола е високо капитализирана, ликвидна и со солиден квалитет на кредитното портфолио и ги исполнува сите супервизорски стандарди. Воведувањето на администрацијата подразбира дека управувањето со имотот на банката привремено преминува во надлежност на лица именувани од Народната банка, во рамките на дадените овластувања од Извршниот одбор на Народната банка на Република Северна Македонија“, рече Славески.
Во моментов не работи ниту електронското банкарство на Алта банка АД Битола. Од банката информираат дека кредитокорисниците треба и понатаму навремено да ги исполнуваат своите обврски.
Славески соопшти дека во саботата по објавувањето на одлуката на Народната банка на Србија за одземање на дозволата за работа на белградската банка, клиентите на македонската Алта банка АД Битола повлекле два милиона евра од банкоматите и експозитурите.
Случувањата предизвикаа вознемиреност кај клиентите на банката во Македонија, меѓу кои голем дел се битолчани, вклучително и пензионери. Во саботата пред експозитурата и банкоматите во Битола имаше редици граѓани кои ги подигнуваа парите од своите сметки.
Банката важеше како неформална традиципнална банка на битолчани затоа што таа е наследник на Комуналната банка Битола што беше основана 1948 година, која потоа се преименува во Стопанска банка Битола во 1977, а од 1995 година станува акционерско друштво и се вика Стопанска банка АД Битола, се до декември лани кога го доби српскиот сопственик и се ребрендираше во Алта банка.
Историјатот на зградата на седиштето на банката на Широк сокак оди уште подалеку. Таму до 1912 била сместена Отоманската банка, по Првата светска војна била Француско-српска банка, а веднаш по ослободувањето во 1945 била Земјоделска банка.
Вработените во саботатат им велеа на насобраните граѓани да не се туркаат, уверувајќи ги дека банката ќе работи и в понеделник и дека ќе можат да ги завршат своите обврски.
Сепак во соопштение во неделата, по прес конференцијата на гувернерот Славески банката соопшти дека в понеделник експозитурите нема да работат со клиенти.
Ж. ЗДРАВКОВСКА



