Хотелот „Македонија“ во строгиот центар на Берово, кој беше познат и посетуван од голем број домашни и странски туристи, речиси четири децении не работи. Хотелот како објект и правен субјект доживеал низа трансформации, така што денес и самите беровчани со кои разговаравме не знаат каков статус има, кој е сопственикот и зошто со децении се реновира.
Пред старата и оштетена хотелска зграда, околу која е поставена ограда со ознака дека се реновира, го забележавме семејството Стојанов од Штип, кое се чудеше што се случило со објектот во кој пред 30 години неколку пати престојувале.
„Хотелот функционираше беспрекорно. Две години доаѓавме на дочек на нова година. Се погоди и двете години да има снег, па со децата бевме и на Јабланица и Беровско Езеро. Сега, кога по три децении доаѓаме овде повторно, непријатно се изненадивме од тоа што го видовме“, вели Димче Стојанов.
Во близина на хотелот затекнавме двајца беровчани како седат пред своите куќи. Едниот ја кажуваше историјата на хотелот, како тоа било убаво време за беровчани. Хотелот имал извонреден ресторан, со летни бавчи и многу квалитетна кујна.
„Работниот век ми помина во овој хотел, кој е на само 30 метри од мојот дом. Бев рецепционер. Кога почнаа трансформациите во времето на транзиција, останавме без работа, а јас заминав во пензија со неплатени придонеси за десет години стаж“, вели Љупчо Чочовски.
Хотелот своевремено го водела општествената организација „Берово транс“. Во транзицијата, хотелот почнал да пропаѓа и се менувале сопственици. Едно време се зборувало дека бил во рацете на некој од поранешната продукција „К-15“, па дека бил во сопственост на бизнисмен од Струмица, кој, пак, според локалните медиуми, го купил од некоја деловна банка. Тогаш, новиот сопственик Јордан Глигоров јавно кажал дека реконструкцијата на хотелот ќе заврши до крајот на 2014.
Денес, никој во Берово не знае ништо конкретно за судбината и за правиот статус на хотелот.
Т. ЈОВАНОВСКИ