ХРАНА МОРА ДА СЕ ПРОИЗВЕДУВА, НАЈЛОШО Е ШТО НЕМА ПЛАСМАН, ВЕЛАТ СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ КОИ РАБОТАТ И ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАС

    ХРАНА МОРА ДА СЕ ПРОИЗВЕДУВА, НАЈЛОШО Е ШТО НЕМА ПЛАСМАН, ВЕЛАТ СТРУМИЧКИТЕ ЗЕМЈОДЕЛЦИ КОИ РАБОТАТ И ВО ПОЛИЦИСКИ ЧАСВо Струмичкиот Регион има околу 15.000 земјоделски стопанства, од кои на добар дел производството на зеленчук им е основна егзистенција; - Во редица се чека за предавање на родот. (Фото: СДК.МК)

    Се почитува полицискиот час, но и се работи по нивите, е сликата во струмичките села откако Владата донесе 61-часовна забрана за движење заради заштита од ширење на коронавирусот, од која пак се ослободени земјоделците кои работат по нивите во атарите на нивните места на живеење. Во Струмичкиот Регион има околу 15.000 земјоделски стопанства, од кои на добар дел производството на зеленчук им е основна егзистенција.

    Низ струмичките села вообичаена раздвиженост, најмногу со градинари кои ја набрале пролетната зелка и ги носат во откупните пунктови.

    Бранко Тасев од струмичко Просениково уште рано изутрината го беше наполнил тракторот со произведената зелка иако е полициски час.

    Низ струмичките села вообичаена раздвиженост, најмногу со градинари кои ја набрале пролетната зелка и ги носат во откупните пунктови.. (Фото: СДК.МК)

    „Мора да работиме, оти мора да живееме. Нам земјоделието ни е единствената егзистенција. Сме го засадиле и одгледувале и не е во ред да се остави по нивите. Ќе беше лошо ако не ни дозволеа да се движиме до сопствените ниви. Сепак, произведуваме храна. Лошо е што нема пласман и откупните цени се ниски. Дај боже да се смири состојбата и да се отворат пазарите, оти вака сите сме во неизвесност“, вели Тасев кој со синот носеа околу половина тон зелка за продажба.

    Со последните уредби од Владата, земјоделците кои работат во атарите на своите села заради земјоделска активност се ослободени од вадење дозволи за движење, кои мора да ги имаат ако нивните ниви се во атарите на други села. Право на движење имаат и земјоделците кои не се евидентирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства, но ќе мора да се најават до општинските кризни штабови за дневна земјоделска активност. Списоците со пријавените лица ги добива полицијата.

    Откупната цена падна на 10 денари за килограм, но најлоштото е што нема пласман. Сите откупуваат по мали количини, а допрва доаѓа производството, велат земјоделците. (Фото: СДК.МК)

    На нива беше и 60-годишниот Мите Гошев од Просениково. Тој ги наводнуваше засеаните зелки. Вели дека не памети вакво време со забрани. Него повеќе го загрижува што со родот, оти кризата предизвикува проблеми и со пласманот.

    „Мора да се наводнува, бидејки зелката е под пластеници. Не може да чека. Свесни сме дека има полициски час и страв од коронавирус, но не можеме да го оставиме производството да се суши. Еве, идната недела ќе почнеме со берба. Мене ме плаши пласманот. Откупната цена падна на 10 денари за килограм, но најлоштото е што нема пласман. Сите откупуваат по мали количини, а допрва доаѓа производството“, вели Гошев.

    Во струмичките села Просениково, Пиперево, Добрејци најмногу раздвиженост имаше пред откупните пунктови. Таму, држејќи соодветно растојание, сите го чекаа редот за да ја предадат пролетната зелка. Освен коронавирусот нив ги загрижува дали ќе успеат да го продадат својот род од нивите кој стасува. Дека оди тешко пласманот, признаваат и откупувачите.

    Освен што го собираат родот со зелка под пластеници, струмичките земјоделци интензивно ги подготвуваат и површините за пролетната сеидба. (Фото: СДК.МК)

    „Ние извезуваме за Полска, но тешко оди. Нашите партнери од таму поради ситуацијата со коронавирусот бараат помали количини. И таму не работат хотелите, угостителските капацитети, а со ограничено време работат и маркетите. Зелката за неколку дена ако не се продаде скапува“,  вели еден трговец од Пиперево.

    Освен што го собираат родот со зелка под пластеници, струмичките земјоделци интензивно ги подготвуваат и површините за пролетната сеидба. Горѓи Димитров од струмичко Добрејци го затекнавме како ги подготвува нивите за пченка оти одгледува стока.

    „Нашето производство е сезонско и мора да се запазат роковите на сеидба. За десетина дена ќе почне да се садат нивите. Мора да ги подготвиме нивите оти доаѓаат и Велигденските празници. Ќе помине коронакризата, но потоа мора да се јаде. На овие површини освен пченка, ќе засееме и грав, компир’’, вели Димитров.

    В. ТРАЈКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира