И НОВИТЕ КОНЦЕСИОНЕРИ НЕ ГО ШТИТАТ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОД РИБОКРАДЦИ

    И НОВИТЕ КОНЦЕСИОНЕРИ НЕ ГО ШТИТАТ ОХРИДСКОТО ЕЗЕРО ОД РИБОКРАДЦИОхриѓани секојдневно на социјалните мрежи објавуваат видеа и фотографии од кајчиња во дел каде е забрањето да се лови риба. (Фото: Аматерски фотографии)

    Концесиите не го заштитуваат Охридското Езеро туку напротив, сѐ повеќе има рибокрадци кои ловат риба пред очите на сите, реагираат граѓаните кои секојдневно на социјалните мрежи објавуваат видеа и фотографии од кајчиња во дел каде е забрањето да се лови риба.

    „Рибокрадци кои како концесионери се претставуваат и денес нема да ти го остават езерово да подишит на раат, од рани зори пустошат риба која се спрема де влезе во мрест. Ова утринава е од зоната ‘Пештани’ за која и не знам дали има и концесионер. Минимална длабочина каде смее мрежа да фрлат е 20 метри и 1 километар во внатрешноста на езерото, а овде нема ни 5-7 метри длабочина, дотолку повеќе што ако нема концесионер тука кајче не смее да помине не па мрежа да се распостели. Штом во зоната ‘Охрид’ и ‘Далјан’ каде врие минувачи не се кријаат, зарем очекуваш во понепристапните зони да не криволоват? Којзнае и во Струга што пустош се дешават“, вели охриѓанецот Климент Арнаудов.

    Шест од вкупно седум концесионери се веќе избрани на јавниот повик на Министерството за земјоделство шумарство и водостопанство за давање под концесија на Охридско Езеро за стопански риболов. Концесијата го опфаќа риболовното подрачје на езерото во 7 зони и тоа Радожда, Калишта, Струга, Охрид, Воска, Пештани и Трпејца, а стопанисувањето со рибниот фонд ќе биде за период од 12 години.

    Екологистите предупредија дека ваквиот начин на давање на езерото под концесија нема да биде во насока на заштита на рибниот фонд, оти е застарена Риболовната основа за риболовното подрачје Охридско Езеро, изработена за периодот 2011-2016 од Хидробиолошкиот завод, во годините на тотален мораториум на риболовот на македонската страна од езерото.

    „Риболовната основа е застарена, неажурирана, а според досегашни сознанија, тие се веројатно критично загрозени видови и треба да се остават на мир уште неколку години, и од македонска и од албанска страна, за да се стабилизираат нивните популации. Второто прашање е кој и како ќе го контролира изловот на риба?“, вели екологистот Ѓоко Зороски.

    Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство смета дека со доделувањето концесии на Охридското Езеро конечно ќе се заштити рибниот фонд, оти како што велат, избраните концесионери имаат соодветни знаења, вештини и способности да се грижат за езерото. Оттаму сметаат дека со планско стопанисување на одржлив начин и зголемена контрола рибниот фонд би се одржал, па и зголемил.

    Но, жителите укажуваат дека нема контрола.

    „Каде е езерската полиција да патролира? И дронови се најавуваа, со топлотни сензори. Каде се инспекторите на терен? Зарем граѓаните ќе се ставаат во нивна улога и ќе ризикуваат инцидент да настане? Едно е јасно – одамна со концесиите се покажа дека не се заштитува езерото туку се пустоши во име на заработката, затоа час поскоро државата треба и мора да се стави во улога на единствен чувар и стопанисувач, да има долгогодишна забрана на секаков излов на риба додека не заживее рибниот фонд, освен рекреативниот риболов да биде дозволен со дозволи и рибочувари“, вели Арнаудов.

    Според досегашните искуства со концесиите, во 2004 беше одземена концесијата за стопански риболов поради нестопанско управување и искористување на рибниот фонд и беше воведен тотален мораториум на риболовот на Охридското Езеро кој траеше до 2012, до доделувањето нова концесија. Таа беше одземена од исти причини во 2018. Во 2019 беше доделена концесија која траеше само неколку месеци, до почетокот на 2020.

    С. ВРЕНЦОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира