Дивиот забавен парк пред салата „Борис Трајковски“ во Скопје уште стои. Сопственикот, фирма „Дизниленд реквизити“ од Чаир, нема намера да ги отстрани реквизитите иако Министерството за внатрешни работи, Пазарна инспекција и Управата за јавни приходи минатата недела најдоа низа неправилности во работењето.
По направената инспекција на трите државни органи на сопственикот му беше изречена забрана за работа и наредба да ги тргне реквизитите. Но, оттогаш поминаа 8 дена, а тоа не е направено.
Забавниот парк беше поставен на празниот простор кон почетокот на месецов. Со години, во мај на овој простор се поставуваат адреналински реквизити, ни никој не ги контролира.
Од Град Скопје пред десет дена рекоа дека фирма од Чаир, „Дизниленд реквизити“, регистрирана пред еден месец, без соодветни документи и дозволи и без потребна документација која гарантира безбедност, монтира панорамско тркало и останати реквизити во Карпош пред салата „Борис Трајковски“ и ги повикаа институциите да реагираат.
Од фирмата во изјава за медиуми рекоа дека реквизитите ги поставуваат на приватен имот и не им треба никаква дозвола.
А. АНТЕВСКА