Не поминаа ниту 12 часови откако гостиварци протестираа и бараа конечно решение за депонијата Русино, таа од изутринава целата е во пламен. Густ чад е надвиен над депонијата и доаѓа до Гостивар и околните населени места. Велат пожарот во депонијата избил изутринава околу 4 часот. Се претпоставува дека и овој пат се работи за намерно палење на депонијата.
Граѓанската иницијатива „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“ вчера, со дефиле со автомобили, одржа мирен протест низ улиците на Гостивар со цел да го сврти вниманието на јавноста и институциите од ризикот што го прави неконтролираното депонирање на смет близу Гостивар.
„Од 4 часот изутринава депонијата Русино повторно гори и тоа би рекла многу повеќе од вчера. На вчерашниот протест ние упативме јасна порака дека напрвин треба да се допре горењето на депонијата а потоа да се работи на нејзина дислокација. Ние не прифаќаме депонијата да се санира и да продолжи да работи како регионална депонија. Ставот 7.000 граѓани на Гостивар, кои вчера излегоа на протестот, е Русино да се затвори, да се отстрани ѓубриштето и да се најде нова локација за регионална депонија која би се изградила по ЕУ стандардите. Легитимни се нашите сомнежи дека некој намерно ја пали депонијата, а која е целта ние не знаеме, веројатно тие што ја палат знаат“, изјави Валентина Штерјоска, активист во движењето „Стоп Русино, чист воздух за Гостивар“.
Протестот беше втор од ваков вид е инициран од палењето на отпадот на депонијата и зголеменото загадување на воздухот. Поддршка за протестот изрази и градоначалникот Арбен Таравари.
„Русино е 20-годишен проблем на Општина Гостивар, која е регионална депонија за цел Полошки Регион. Загрижувачки е, особено последната година, скоро секој втор ден има пожар, загадување на воздухот, непријатна миризба. Од пред 2,5 години ние немаме никакви ингеренции врз депонијата, но мора да се најде некое решение“ изјави градоначалникот Таравари.
З. АНДОНОВ