И ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ВИЛА ОСТАНА БЕЗ ВОДА, НЕКОЛКУ ДЕНА ВОДА СНЕМУВА ВО СТАНБЕНИТЕ ЗГРАДИ И КУЌИТЕ ВО ЕЛИТНАТА НАСЕЛБА ВОДНО ВО СКОПЈЕ

    И ПРЕТСЕДАТЕЛСКАТА ВИЛА ОСТАНА БЕЗ ВОДА, НЕКОЛКУ ДЕНА ВОДА СНЕМУВА ВО СТАНБЕНИТЕ ЗГРАДИ И КУЌИТЕ ВО ЕЛИТНАТА НАСЕЛБА ВОДНО ВО СКОПЈЕВодно е окупирано од големи станбени згради, а водоводната мрежа е останата од времето кога таму имаше само семејни индивидуални куќи (Фото: К. Попов)

    Резиденцијата на претседателката на државата на Водно во Скопје е без вода, а во вила Водно има слаб притисок. Од Службата за општи и заеднички работи (СОЗР) на Владата за САКАМДАКАЖАМ.МК потврдуваат дека во вилата на Водно во моментов нема вода.

    „Резиденцијата кај што живее претседателката нема вода, а во вила Водно има, но со слаб притисок. Исто така, проблем имаме и со зградата на Македонската радио телевизија во која веќе седми ден нема вода од втори кат нагоре. Известени се од ЈП ‘Водовод и канализација“, велат од Службата за општи и заеднички работи која ги одржува овие два објекта.

    Освен во претседателската вила, вода нема и во индивидуалните куќи и во новите станбени згради на Водно. Жители на улицата Салвадор Аљенде велат дека веќе неколку дена нема вода преку ден, а навечер има со многу слаб притисок.

    Проблемот е во тоа што на Водно, како елитна населба во Општина Центар, се направија огромни згради, а водоводната мрежа е иста како кога на Водно имаше само семејни куќи, а не згради со по неколку дестици станови кои никнуваат изминативе години на секој чекор. Покрај станбените згради, во елитната населба има и големи куќи и дворови со базени кои се полнат со водата за пиење од скопската водоводна мрежа.

    Овој проблем со водоснабдување го имаат и други населби во Скопје.

    „Пријавуваме секој ден во ‘Водовод‘ и ни велат дека проблемот е што се изградиле многу згради, што се полеваат дворовите и се полнат базените во куќите на Водно. Вода може да дојде после полноќ, а кога ќе дојде излегува песок и ѓубре“, вели жителка на населбата Водно.

    Од ЈП „Водовод и канализација“ ни изјавија дека на сите поплаки кои ги имаат добиено се работи на терен, сите капацитети се пуштени и апелираат до јавноста за рационално користење на водата.

    „На улица Салвадор Аљенде нема вода поради зголемено и неконтролирано трошење на вода во овој период од годината. Се преземаат сите мерки кои ни стојат на располагање, сите капацитети се вклучени, се апелира до граѓаните да го намалат некорисното трошење на вода, како и откривање и прекинување на диви приклучоци.  Во моментов, градскиот водоводен систем функционира со намален притисок со повремени прекини на вода на некои улици. Дивите приклучоци секако дека имаат негативно влијание на состојбата на системот и водоснабдувањето, но за таа цел се организираат акции за нивно откривање“, велат од „Водовод“.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира