Пред нешто повеќе од една година Шар Планина беше прогласена за Национален парк, но досега во оваа установа има само еден вработен, а тоа е директорот. Канцеларијата, администрацијата и ренџерската служба се очекува да бидат активирани во наредниот период. Ова беше речено на денешната јавна расправа по Нацрт планот за управување со Националниот парк Шар Планина и Нацрт-извештајот за стратегиска оцена врз животната средина, за периодот 2022 – 2031 година.
„Во годинава што измина од формирањето на Националниот парк Шар Планина работев сам во институцијата, но соработував со тим и имавме соработка и со другите институции како Шумската полиција, редовната полиција, Општините и други институции. Очекуваме за брзо време да добиеме и канцеларии, а наскоро да се вработат и ренџерите кои ќе работат на терен. Оваа година очекуваме да се вработат 10 лица во редовен работен однос и 5 со договор на дело“, изјави Ибрахим Деари, директор на Националниот парк Шар Планина.
На јавната дебата присуствуваше и министерот за екологија Насер Нуредини кој потврди дека во некои работи се доцни посебно во делот на вработување на лица кои ќе работат во паркот.
„Во изминатиов период има доста работи кои се направени во Националниот парк Шар Планина, но за жал во некои работи се доцни, а пред сé во вработувањето. Очекуваме веќе наредната недела да ја отвориме канцеларијата на Националниот парк, а за вработување на лицата ренџери еве ќе зборуваме и на денешната дебата. Знаеме дека таму има нелегална градба па затоа Инспекторатот за градба мора постојано да биде на терен како и локалните институции за да ја спречат нелегалната градба“, посочи министерот Нуредини.
Тетовските планинари, кои беа и едни од главните иницијатори Шар Планина да се прогласи за Национален парк, исто така се незадоволни што се доцни со екипирањето на оваа институција, што придонесува понатамошно уништување на животната средина на Шар Планина.
„Воспоставен е Националниот парк, сега се потребни луѓе за работа. Знам дека тоа, како и многу други работи, тешко оди. Ние планинарите сме на страната на Националниот парк и му даваме голема поддршка иако знаеме дека таму работите не течат така како што треба. Сé уште нема канцеларија, нема луѓе за работа, а станува збор за еден огромен реон кој за ефикасно да се покрие ќе треба минимум од 80 ренџери, сигурно едно 20 возила со кои ќе се патролира по теренот, требаат инфо центри и ред други работи“, вели Јован Божиновски од ПК Љуботен.
Иницијативата за прогласување на Шар Планина за национален парк започна во 1997 година, за после 14 години активности, конечно јули минатата година ова барање конечно да се усвои. Националниот парк Шар Планина опфаќа територија од 49 520 хектари.
З. АНДОНОВ