На падините на Шар Планина, во појасот со зимзелени дрвја, забележано е сушење на поединечни и групи на стебла од видот смрча (Picea excelsa) и зголемена појава на поткорници, инсекти кои живеат под кората на дрвјата, се хранат со дрвната маса поради што дрвото се суши и угинува. Оваа група инсекти не се јавува од сега, била забележана и порано на овие планински простори, но од 2024 Националниот парк (НП) „Шар Планина“ спроведува истражување и ја следи присутноста на видовите инсекти, кои под поволни услови, можат сериозно да го нарушат шумскиот екосистем.
„За да се спречи ширење и создавање на нови генерации на овие штетници, во шумите се поставени феромонски стапици, односно специјални кутии во кои инсектот влетува и останува заробен. Овие феромонски стапици селективно привлекуваат од овие инсекти, некои се наменети за женките, а некои за машките единки на инсектите. Со ова се овозможува прецизно следење на нивната популација и навремено се открива зголемена бројност на овие инсекти со цел да се преземаат соодветни мерки, како санитарна сеча или поставување ловни дрва, со цел да се спречи масовно сушење на дрвјата и деградација на шумскиот екосистем“, велат од Националниот парк „Шар Планина“.

Од „Шар Планина“ велат дека засега се поставени само 5 вакви феромонски стапици за инсектите. (Фото: НП „Шар Планина“)
Овие инсекти живеат и се размножуваат под кората на дрвата, но имаат крилја со што лесно преминуваат од едно на друго дрво и така може да загрозат големи површини со дрвја. Таква нивна голема присутност на Шар Планина сè уште не е забележана, но во регионите на Јелак и Лешница се регистрирани поединечни и групи дрвја кои се исушени бидејќи биле нападнати од овие штетници.
Од „Шар Планина“ велат дека засега се поставени само 5 вакви феромонски стапици за инсектите, но за целосно следење на овие штетни инсекти потребни се многу повеќе стапици, за кои сега во Националниот парк нема доволно средства да се набават, па затоа упатуваат апел до организациите за финансиска помош, но и апел до посетителите на паркот.
„Ве молиме, доколку сретнете вакви кутии низ иглолисните шуми на Шар Планина, не ги допирајте и не ги уништувајте – тие се дел од нашите напори за зачувување на овие вредни и древни шуми“, апелираат од „Шар Планина“. Сепак, ако се утврди дека интензитетот на нападот од овие инсекти е зголемен, Паркот ќе преземе мерки за механичко отстранување на нападнатите дрвја. Целта е да се намали популацијата на поткорникот и да се спречи неговото понатамошно размножување.
З. АНДОНОВ