Играорците од Културно-уметничкото друштво (КУД) „Ристо Донев-Учителот“ од Штип, редовниот годишен концерт го одржаа облеќени во богатата колекција од над 100 народни носии кои се изработени пред повеќе од 100 години. Збирката ја собрал Ристо Донев-Учителот, основач на играорното друштво „Исарски бисери“, кој почина пред 30 години. Друштвото сега го носи неговото име.
Ристо Донев целиот свој живот го поминал во образованието. Бил учител во повеќе училишта во Штип, а најмногу се задржал во централното „Ванчо Прке“ каде ја формирал и првата фолклорна секција. Неколку години подоцна, таа прераснала во играорно друштво. Целиот свој живот Донев собирал народни носии и како аманет оставил вистинско богатство со над 100 примероци. По неговата смрт, друштвото го добило неговото име и денес настапува токму со носиите од неговата збирка.
„Во 30- годишното постоење како играорно друштво, наша основна заложба и мисија е да го чуваме и да го презентираме македонскиот фолклор, нашите народни песни и ора, кон нив да ги насочуваме младите и да ги негуваме нашите народни носии“, вели раководителот Баже Донев, син на Ристо кој ја продолжи традицијата на татко му.
„Во нашето друштво има со неколку играорни групи, мала и голема група составена од ученици од основното и средното образование, возрасна играорна група – ветерани кои добија овации за изведбата на орото ‘Копачка’ кое е веќе дел од нематеријалното културно наследство на УНЕСКО . Дел од нашето друштво е и народниот оркестар ‘Вез’, составен од музичари од Средното музичко училиште во Штип, како и женската пејачка група ‘Орнамент’“, вели Донев.
Друштвото секоја година има по неколку настапи во странство, најмногу во балканските земји од каде се враќа со признанија за успешни концерти. Редовно го одржува и новогодишниот концерт, како и концерт со кој се одбележува народниот обичај Четр’се кој исто така е во листата на нематеријално богатството на УНЕСКО.
Донев им се заблагодари на професиналните кореграфи од Скопје со кои друштвото има успешна соработка, а вели дека му е најблагодарен на највозрасниот играорец Дејан Митев кој со своето искуство ги подучува младите.
Т. ЈОВАНОВСКИ