Иконите на иконографот Крсте Зограф од Велес за првпат се претставени пред јавноста на изложбата во Ликовниот салон во Велес. Зограф работел од втората до четвртата деценија на 19. век.
За неговото дело малку е познато, со стотина икони кои се евидентирани. Повеќето од нив се во Велешко и Повардарјето. Во безмалку секоја црква во Велес има икона на Крсте Зограф. Цртал и бил активен и во Црквино, Уланци, Грнчишта, но можат да се најдат негови икони и во Ваташа, Кавадарчко, Смоквица, Гевгелиско и во Дреново, Прилепско.
„Изложбата е вистинска можност да се афирмира името на Крсте Зограф, кој незаслужено е настрана од стручните и општествените кругови. Не го познаваме доволно. Ова можеби ќе биде иницијатива за подетално истражување на неговите живот и дело. Со овие познати икони не сме го затвориле неговиот творечки опус, претстои работа да се комплетира неговото творештво“, кажа промоторот на изложбата Дарко Николовски.
Крсте Зограф не ги потпишал повеќето од своите икони. Негов потпис е најден на само девет. Најстарата изложена икона е на Св. Архангел, која се чува во параклисот „Св. Ѓорѓија“, а е насликана во 1815. На изложбата, која ќе трае две недели, се изложени 14 икони и 20 фотографии од икони. Авторка на изложбата е Елица Николова од Народен музеј во Велес, која истражувањето на творештвото на Крсте Зограф го започнала пред две години. Негови икони има и во манастирот во село Горно Чичево и во црквите во Богомила и Папрадиште.
„Крсте Зограф не се потпишувал на сите икони, бидејќи ги работел повеќето во една црква и се потпишувал на само една. Можеби била и скромност. Тоа била пракса и кај други зографи во тоа време“, рече авторката Николова.
П. ПЕЧКОВ