ИМА ВОДА ЗА ДА НЕ ПРЕСУШАТ НИВИТЕ, АМА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ТРЕБА ДА НЕ ЈА КРАДАТ, ВЕЛАТ ОД ВОДОСТОПАНСТВО КОЧАНИ

    ИМА ВОДА ЗА ДА НЕ ПРЕСУШАТ НИВИТЕ, АМА ЗЕМЈОДЕЛЦИТЕ ТРЕБА ДА НЕ ЈА КРАДАТ, ВЕЛАТ ОД ВОДОСТОПАНСТВО КОЧАНИПо чистењето на каналите, водата веќе подолго време тече низ оние кои се дел од Хидромелиоративниот систем Брегалница. (Фото: СДК.МК)

    Од Водостопанското претпријатие Кочани, кое стопанисува и е задолжено за наводнување со водите од браната Калиманци, велат дека нема да дозволат да пресуши Овчеполието, Штипското, Крупишкото и Кочанското Поле, но апелираат земјоделците да имаат дисциплина, солидарност и да не крадат вода. По чистењето на каналите, водата веќе подолго време тече низ оние кои се дел од Хидромелиоративниот систем Брегалница. Водата дојде до крајната дестинација, атарот на селото Каратманово до каде се простира каналскиот систем, велат од водостопанството.

    Деновиве, поради високите температури и крајно сушното поле на кое се суши сè што е насадено и посеано, реагираа земјоделските прозводители и од Свети Николско и од Штипско, Карбинско и од Кочанско. Дел од нив протестираа и се заканија дека ќе прават нови блокади на патиштата ако не добијат вода за нивите.

    „Уште пред да реагираат земјоделците во регионот, водостопанското претпријатие Кочани работеше на чистењето на каналите, а со испустот од браната Калиманци подолго време ја има пуштено водата да тече по каналите од Хидромелиоративниот систем ‘Брегалница’ низ Кочанското и Штипското Поле“, вели Благој Богатинов, директорот на водостопанство Кочани.

    Тој додава дека вода за обработливите површини имало на време. Мерната станица која ги дели каналите за Жиѓанци, Штипско и кон Овче Поле покажува дека низ нив течат 6 кубни метри вода во секунда.

    „Но, апелираме земјоделците повеќе да се потрудат да не ги затнуваат каналите, самите околу своите ниви да ги чистат и најважно, водата да не си ја крадат меѓу себе. Вакви појави има во атарите на селата Крупиште и Балван, а тие најмногу реагираат. Секој сака прв да пушти вода од каналите во неговите ниви, некои дури и навечер не само преку денот, појава која не е од вчера. Ангажиравме дури и агенција која ќе ги следи вакви појави кои се кривично дело“, вели Богатинов.

    Тој вели дека со водостопанските подружници од Кочани, Свети Николе и со останатите во регионот организираат средби со земјоделците, семинари и едукации дека меѓу нив треба да има крајна солидарност и тие да ги почитуваат термините за наводнување што се утврдени од водостопанските подружници.

    Хидромелиоративниот систем Брегалница е изграден пред 53 години со капацитет да навoднува 25.000 хектари обработлива површина, почнувајќи од селото Истибања кое се наоѓа до браната Калиманци до селото Каратманово во близина на Велес.

    Денес не се исполнува максималниот капацитет, па така овој систем наводнува речиси половина од предвидените хектари и веќе има застарена каналска мрежа. Се смета дека годишно се прават загуба со милиони евра затоа што не може да се наводнуваат сите површини кои биле предвидени со првичниот проект, па земјоделците не го остваруваат планираното производство.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира