На семејството Доневи од Дојран викендов во струмичката болница му се роди шесто дете, здраво машко бебе, кое уште нема име. Брачната двојка Пале (36) и Петар (39) сега имаат 4 сина и две ќерки и се едно од најбројните семејства во Југоисточна Македонија . Највозрасен е Доне кој има 16 години, па Магдалена (12), Бојана (8), Александар (6) и Мартин (4). Заедно со нив во Дојран живее и бабата Магдалена, која беше најсреќна што има уште едно внуче во својот дом.
Пале работи во училиштето „Кочо Рацин“, а Петар во комуналното „Полин“ во Дојран, и примаат минимални просечни плати . Сепак, не добиваат надомест за ниту едно од децата.
„За 12 часа не успеав да го фатам законот за трето дете. Бојана ми се роди на 31 декември 2008 во 12 часот, а законот за надомест на трето дете почна да важи од 1 јануари, 2009. Кога се роди Александар, го укинаа надоместот за четврто дете. Само со двете скромни плати и пензијата на свекрва ми тешко се одгледува многудетно семејство“, вели Пале која не може да сфати зошто државата дава надоместок само за трето дете, а не и за повеќе.
На стартот од 2009, Владата го воведе проектот „Бејби бум“, и воведе родителски месечен надоместок за второ, трето и четврто дете. Една година подоцна, Владата го укина надоместокот за второ и четврто дете и единствено остана родителскиот надоместок за трето дете кој изнесува 8.250 денари за период од 10 години. Правото на родителски додаток за четврто дете се остваруваше за деца родени заклучно со 11 април, 2010, согласно донесените измени и дополнувања на Законот за заштита на децата. Законот не предвидува помош за семејствата каде има 5 ли 6 деца како што се Доневи од Дојран.
Пале вели дека со нивните примања и пензијата од свекрвата успеваат колку-толку да врзат крај со крај. Така ќе биде сега и со новиот член.
„Тешко се живее со две мали плати, но успеваме некако. Нам радост ни се децата. Немаме мака со нив, нема тие што сакаат, туку ние се грижиме за нив и досега од ништо не се скратени. Благодарение на свекрва ми Магда која најмногу ми помага, успевам подеднакво да сите да им посветам внимание. Ние немаме џипови и вили, но имаме колку-толку за една живеачка“, вели Пале.