ИМАМЕ ДОВОЛНО БРАШНО, НАСКОРО ЌЕ МОЖЕ И ПОВТОРНО ДА ИЗВЕЗУВАМЕ, ВЕЛИ БЕКТЕШИ

    ИМАМЕ ДОВОЛНО БРАШНО, НАСКОРО ЌЕ МОЖЕ И ПОВТОРНО ДА ИЗВЕЗУВАМЕ, ВЕЛИ БЕКТЕШИБектеши вели дека сите потребни количини за домашна потрошувачка веќе се обезбедени (Фото: СДК.МК)

    Министерот за економија Крешник Бектеши апелира до граѓаните да не прават непотребни залихи од брашно и други производи бидејќи државата има доволни количини од овие прехранбени производи. Тој денеска посети мелница за брашно во тетовското село Порој и најави дека е можно наскоро да биде повлечена одлуката за забранет извоз на брашно и некои други земјоделски производи.

    „Нема простор за паника дека ќе нема брашно. Сите потребни количини за домашна потрошувачка веќе ги имаме, а според податоците што ги добиваме од мелничарската индустрија, има простор и за извоз на брашно и други производи кои сега се на листата за забрана на извоз. Со Србија сме во постојан контакт и разговараме за дополнителни количини кои треба да се увезат во нашата држава, посебно пченица. Имајќи ги предвид залихите на производителите и државата, имаме доволно капацитети да ја покриеме не само дневната потрошувачка, туку и таа која во изминативе денови беше зголемена за два-три пати. Домашниот пазар веќе е доста стабилизиран, па за околу една недела може ќе се дозволи и извоз“, изјави Бектеши.

    Тој додаде дека пазарните инспектори минатата недела изрекле повеќе казни за трговците кои не ги почитувале одлуките на Владата.

    „Минатата недела, Државниот пазарен инспекторат утврди прекршоци во неколку поголеми супермаркети во Скопје. Се работи за седум супермаркети, кои се казнети со по 7.000 евра за непочитување на одлуките“, рече Бектеши.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира