Наместо на училиште, тетовските гимназијалци, кои наставата ја следат на македонски јазик, новата учебна година ја започнаа со протести. Поддржани од своите наставници и родители тие низ тетовските улици и пред зградата на Општина Тетово го искажаа својот револт барајќи конечно да се изгради нов објект во кој тие нормално би ја следеле наставата. Изминатата учебна година тие наставата ја посетуваа во објектите на Работничкиот универзитет и основното училиште Гоце Делчев, каде немаа елементарни услови за следење на наставата.
“Бараме писмена изјава за почеток на изградба на ветениот објект во гимназијата ’Кирил Пејчиновиќ’, враќање во објектот на гимназијата со работа во полусмени, но не прифаќаме наставата да продолжи во во просториите на Работничкиот универзитет“, беа барањата кои одборот на наставници и родители ги достави до градоначалничката на Општина Тетово Теута Арифи.
Додека траеја разговорите на наставниците и родителите со градоначалничката, сите ученици од македонските паралелки од гимназијата беа пред зградата на Општина Тетово. Со големиот транспарент на кој пишуваше “Сакаме училиште“ и со гласни извици и скандирања, тетовските гимназијалци уште еднаш побараа од надлежните институции да најдат начин конечно да го решат просторниот проблем и учениците Македонци да добијат соодветни услови за образование.
“Ние како општина неколку пати до министерството за Образование дадовме можни решенија за проширување и доградба на гимназијата за да можат сите ученици да учат во ист објект. Ние денеска се договоривме учениците Македонци да се вратат во централниот објект на гимназијата, а управата во текот на овие два дена треба да го организираат наставниот процес. Ние секогаш сме се залагале за интегративни, а не за одвоени решенија, бидејќи според европската логика која и ние ја делиме, сите ученици треба за учат во заеднички простории со исти вредности и перспективи“, изјави градоначалничката Теута Арифи по средбата со наставниците и родителите на учениците од македонските паралелки од тетовската гимназија.
Таа рече и дека зема обврска, на барање на родителите и наставниците, да побара од министрите за образование и транспорт и врски да одговорат на барањето да се направи заедничка средба за изнаоѓање решение за изградба или доградба на училиштето каде би се изведувала наставата на македонски јазик. На доставеното идејно решение од Општината, од министерството за образование нашле забелешка во ширината на маркицата за градба, но како што рече градоначалничката Арифи, “Свесни сме дека во градот во последните 15 години има многу урбанистички решенија кои не се испочитувани, па кога се работи за едно училиште сметаме дека има доволно простор за градба, а ќе бараме и Владата со одлука да интервенира околу ова“.
Со ова, учениците од македонските паралелки од понеделник се враќаат во централниот објект на гимназијата, а најверојатно ќе учат во полусмени.
Просторните проблеми на македонските паралелки се уште од поодамна. Пред неколку години тие учеа во централниот на објект гимназијата, но по неколку инциденти од меѓуетнички карактер, загрижени за својата безбедност тие побараа да учат во посебен објект. Како времено решение се најде во бараките на старото медицинско училиште. Но овде условите беа крајно лоши, протекуваше покривот на објектот, немаше соодветни тоалети, а учениците и овде често пати беа вознемирувани од учениците Албанци. Чести беа меѓу етничките тепачки, а револтот ескалира со инцидентот кога во училишниот двор група ученици Албанци нападнаа македонски ученици, при што еден од нив беше прободен со нож. По неколкунеделен бојкот на наставата од учениците Македонци, тие наставата ја продолжија во објектите на основното училиште “Гоце Делчев“ и во Работничкиот универзитет, при што беше ветено дека ова е само времено решение и дека најитно ќе се започне со градба на нов објект наменет само за нив. Но и овде условите за следење на наставата беа катастрофално лоши, а од ветениот нов објект немаше ни трага ни глас. Затоа учениците и наставниците, на почетокот на новата учебна година побараа преку протест побараа конечно да се најде решение за овој повеќегодишен проблем.
З. Андонов