Инфективното одделение при Општата болница во Велес е подготвено да ги прими сомнителните случаи на коронавирус, најавија надлежните од оваа здравствена институција. Ова доаѓа откако Министерството за здравство ги прогласи инфективните одделенија во Велес, Штип и Гостивар како изолациски центри и карантински единици, по појавата напрвиот случај со коронавирус во земјава.
„Подготвени сме да примиме сомнителните случаи. Еден кат, цел блок е изолиран, затворен за комуникација со останатиот дел од одделението. Има засебна амбуланта, со посебен влез и пристап за санитетско возило. Имаме пет соби со по три кревети, има работна соба за медицинските сестри и целиот материјал кој е потребен. Опремени сме со заштитни маски, скафандери, капи, ракавици, дезинфекциони средства“, кажа инфектологот д-р Силвана Мишкова, началник на Инфективното одделение на Велешката болница.
Таа демантира дека досега кај нив е донесен пациент или сомнителен случај од коронавирус.
Тројца доктори од ова одделение се на располагање на потенцијалните пациенти. Директорот на Велешката болница објасни зошто е одбрано велешкото инфективно одделение, заедно со тие во Штип и Гостивар како изолациски центар.
„Од разговорот со министерот за здравство Венко Филипче бевме информирани дека овие центри се избрани, бидејќи тие инфективни одделенија физички се издвоени од главната зграда на Болницата. Министерот најави дека ако има потреба од зголемен број на доктори, ќе се реагира навремено“, изјави директорот д-р Божидар Бојаџиев.
Според последните инфомации од министерот Филипче, 12 лица се во 14-дневна домашна изолација, од кои две се деца на 4-годишна возраст. Нивната состојба се следи и доколку има потреба ќе бидат префрлени во изолациските центри.
П. ПЕЧКОВ