ИНИЦИЈАТИВА ШТИПСКОТО МЕДИЦИНСКОТО ШКОЛО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ДА СЕ ПРЕИМЕНУВА ПО ПРВАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВА

    ИНИЦИЈАТИВА ШТИПСКОТО МЕДИЦИНСКОТО ШКОЛО „ЈАНЕ САНДАНСКИ“ ДА СЕ ПРЕИМЕНУВА ПО ПРВАТА МЕДИЦИНСКА СЕСТРА СЛАВЈАНКА ВЛАХЧЕВАВо Штип има иницијатива  средното медицинско училиште „Јане Сандански“ да се преименува по првата македонска школувана медицинска сестра, штипјанката Славјанка Влахчева (Фото: СДК.МК) 

    Во Штип е покрената иницијатива за преименување на средното медицинско училиште „Јане Сандански“ во името на првата школувана медицинска сестра во Македонија, штипјанката Славјанка Влахчева. Оваа иницијатива произлезе откако во Советот на Општината се разви дискусија за предлагање на имиња на улици во Штип, а во тие рамки и на некои институции кои немаат свое име или имаат неадекватно.

    „Со ова преименување воопшто не го нарушуваме угледот на Јане Сандански чие име го носи сегашното средно медицинско училиште во Штип со регионален карактер, а го апострофираме името на првата школувана медицинска сестра во Штип Славјанка Влахчева, која важи за македонска Флоренс Најтингел“, вели иницијаторот, познатата штипска публицистка Елена Јосимовска. Таа долги години работеше и пишуваше за здравството од каде замина и во пензија.

    „Нашиот голем револуционер Јане Сандански е за секоја почит и неговото име сосема заслужено го носи касарната во Штип на која ѝ прилега, но на медицинското училиште повеќе му прилега името на првата штипска и македонска медицинска сестра која и за време Втората светска војна и по војната сестрано работела за развој на медицината и сестринството кај нас. Влахчева заслужува многу повеќе и на ниво на држава. Не е доволно само формално Здружението на медицинските сестри и акушерки на Македонија да го носи нејзиното име“, вели Јосимовска.

    Славјанка Влахчева е родена 1900 година. Била меѓу првите школувани медицински сестри на Балканот. По завршувањето на школувањето во Белград се вратила во родниот Штип, каде веднаш го формирала првиот маларичен стационар и сестрано се борела за искоренување на маларијата која била проширена.  Во тоа време ја формирала и првата патронажна служба и ја спровела  бе-се-же вакцината.

    Славјанка Влахчева целиот свој век го поминала во развојот на здравството и сестринството,  секогаш била меѓу болните; –  Влахчева е во средината меѓу пациентите

    Неколку години подоцна се преселила во Скопје каде работела во антитуберкулозниот Центар, а веднаш потоа се посветила на искоренување на болеста во селото Љубанци. Подоцна, иницирала основање училиште за медицински сестри во Скопје. По формирањето стана и првата директорка на училиштето и развила програма за вакви училишта во поголемите градови во Македонија, меѓу кои и во Штип каде до ден денеска со успех работи Регионалното средно медицинско училиште и снабдува кадри за здравството во Источна Македонија. Починала како хуманитарка во 1988.

    Во Општина Штип, која сега е преокупирана со избор на имиња на улиците кои немаат назив, не сакаат да ги коментираат најновите иницијативи за името на средното медицинско училиште во Штип, но велат дека е потребно најпрвин и официјално да се добие предлогот, а потоа на соодветните комисии ќе се заземе став и на крајот Советот ќе одлучи.

    Средното медицинско училиште почнало со работа во 1956, како двегодишно медицинско училиште само за акушерки, а наредната година било одобрено да прерасне и во училиште за медицински сестри. Неколку години подоцна, училиштето го добило името „Вељко Влаховиќ“, но при распадот на Југославија во 1990-91 тогашниот директор Ристе Петковски инсистирал училиштето да се преименува во „Јане Сандански“

    „Кога се јавија првите знаци за осамостојување на Македонија, јас како тогашен директор на средното медицинско училиште ‘Вељко Влаховиќ’ дадов иницијатива која се реализира училиштето да се преименува со едно патриотско име, па како солуција за инает на тогашната југословенска власт инсистирав тоа да биде името на македонскиот револуционер Јане Сандански. Во тоа време имав многу забелешки од власта, но на крајот сепак испадна училиштето да се вика ‘Јане Сандански’“, вели Петковски, кој не сака да ги коментира сегашните иницијативи за ново име на училиштето, но признава дека неговото име за едно такво училиште не одговарало ниту тогаш, а најмалку сега.

    Т. ЈОВАНОВСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира