ИНСПЕКТОРОТ ГИ ОПОМЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА И СОВЕТНИЦИТЕ ЗА НЕПРАВИЛНОСТИ ПРИ РАЗРЕШУВАЊЕТО НА УПРАВУВАЧКИТЕ ТЕЛА ВО БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈА

    ИНСПЕКТОРОТ ГИ ОПОМЕНА ПРЕТСЕДАТЕЛКАТА И СОВЕТНИЦИТЕ ЗА НЕПРАВИЛНОСТИ ПРИ РАЗРЕШУВАЊЕТО НА УПРАВУВАЧКИТЕ ТЕЛА ВО БИТОЛСКИТЕ ЈАВНИ ПРЕТПРИЈАТИЈАВонредниот инспекциски надзор беше извршен по барање на градоначалникот Тони Коњановски. (Фото: СДК.МК)

    Државниот инспкеторат за локална самоуправа достави решение со опомена за претседателката на Советот на Општина Битола Габриела Илиевска за констатирани неправилности при донесените решенија за разрешување на членовите на управните и надзорните одбори во шест јавни претпријатија, соопштија од Општина Битола.

    Вонредниот инспекциски надзор беше извршен по барање на градоначалникот Тони Коњановски, откако на први јуни годинава советниците на СДСМ, Поинаку, Левица, ДОМ и ДУИ кои создадоа своевидно ново мнозинство во Советот гласаа за разрешување на управувачките тела на Водовод, Комуналец, Пазари, Паркинзи, Жабени и КИЦ, кои според завршните сметки покажаа загуби во работењето.

    „Претседателката на Советот не ги испочитувала одредбите од член 17 ѓ од Законот за јавни претпријатија, цитираме: Основачот може да ги разреши сите членови на управниот одбор на јавното претпријатие пред истекот на мандатот доколку не даде согласност на годишната сметка и извештајот за работењето на јавното претпријатие, согласно со членот 11 точка 7 од овој закон. Сега не се исполнети условите за разрешување на сите членови бидејќи тие се предложени и избрани од оваа структура на Советот, по локалните избори 2021 година, имаат време до крајот на нивниот мандат и ги имаат усвоено и годишната сметка и извештајот за работењето на јавните претпријатија“, соопштија од Општината.

    Инспекторот утврдил и дека мнозинството членови на Советот неправилно постапиле со тоа што со едно решение ги разрешиле членовите на управните и надзорните одбори на шесте претпријатија. На решението од Државниот инспекторат претседателката има рок на жалба од 15 дена.

    Инспекторот му укажа на Коњановски, дека во иднина, во вакви случаи, потребно е писмено да се извести претседателот на Советот, со образложение дека, донесените акти од советот нема да се објавуваат во службеното гласило на Општината, бидејќи не се во согласност со законските решенија.

    Мнозинството меѓу ВМРО-ДПМНЕ, Поинаку и Левица се распадна пред неколку месеци поради незадоволство кај дел од советниците од сработеното на локалната власт. Оттогаш новото советничко мнозинство од СДСМ, Поинаку и Левица изгласаа одлуки за разрешување на управувачките тела во јавните претпријатија, иницијатива за разрешување на директорот на Пазари и свои амандмани при ребалансот на буџетот.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира