ИНСУЛИН ЌЕ СЕ НАБАВУВА ОДЕДНАШ ЗА ДВЕ ГОДИНИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ, A ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ БАРААТ ИНСУЛИНСКИ ПУМПИ

    ИНСУЛИН ЌЕ СЕ НАБАВУВА ОДЕДНАШ ЗА ДВЕ ГОДИНИ, РЕЧЕ ТАРАВАРИ, A ДИЈАБЕТИЧАРИТЕ БАРААТ ИНСУЛИНСКИ ПУМПИ„Процедурата за јавната набавка е завршена уште пред две-три недели“, рече Таравари денес во Тетово. (Фото: СДК.МК)

    За да се избегне недостатокот од инсулин поради долгите процедури за негова набавка, Министерството за здравство и Националната комисија за дијабет одлучиле потребните количини инсулин да се набавуваат одеднаш за две години, кажа денеска во Тетово министерот за здравство Арбен Таравари.

    Целата административна процедура околу набавката е завршена, па со ова се очекува да се отстранат досегашните чести временски празнини во набавката кои некогаш траеја и по неколку денови и кои им создаваа потешкотии на лицата кои редовната употреба на инсулинот им е неопходна за здравјето.

    „Министерството за здравство и Националната комисија за дијабет одлучија набавката за инсулин да се прави секоја втора година. Ова мене ми се допаѓа, вака е многу порационално, да нема недостаток, секоја година се набавува, па додека се направи набавката некогаш има два-три дена да недостасува или пет дена или десет дена. Затоа сега ќе се набавува за две години. Процедурата за јавната набавка е завршена уште пред две-три недели, договорот е потпишан со стандардниот добавувач којшто е истиот скоро 10-15 години. Ваквото рационализирање при набавката на инсулин е подобро за сите граѓани, а посебно за тие коишто боледуваат од дијабет“, изјави Таравари кој денеска присуствуваше на тестирањето на приватните специјализанти на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Тетово.

    Претходно, од Сојузот на здруженија на лица со дијабетес, соопштија дека доставиле барања до премиерот Христијан Мицкоски, до Таравари и до Националната комисија, за зголемување на бројот на корисници и набавка на инсулински пумпи со сензор за целосно менаџирање на дијабетес кај лицата со ДМ Тип 1 во Македонија.

    „Долго време ние бараме лицата со тип 1 да бидат во поголем број покриени со т. н. вештачки панкреаси или инсулински пумпи заедно со сензори. Бидејќи сега веќе во Македонија ги има најдобрите затворени системи или автоматска испорака на инсулин заедно со сензор бараме бидејќи Владата и онака набавува сензори и пумпи да го зголеми бројот на лица со пумпи од 300 на повеќе, до 1.000 лица најмногу годинава. Според трошоците и сензорите да бидат од истиот тип, односно од тој затворен систем. Бараме заштита на сите деца и млади, бидејќи тоа ќе биде систем кој ја намалува можноста за 50 отсто за хоспитализации, 80 отсто ретинопатии, 40 отсто бубрежни инсуфициенции. Заштедуваме многу средства, во однос на тоа дека лицата со Тип 1 нема да имаат проблеми во секојдневниот живот, бидејќи самиот систем си работи. Они се што треба да прават е да го следат повремено и да ставаат навремено инсулин во инсулинската пумпа. Сѐ друго ќе биде на самиот систем, а тие многу нормално ќе живеат“, изјави Диме Велев, претседател на Сојузот.

    З. АНДОНОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира