ИНЖЕНЕРИ БАРААТ ПОСТАВУВАЊЕ ВИБРАЦИОНИ ЛЕНТИ НА ПАТОТ ОХРИД-СВЕТИ НАУМ ЗА ДА НЕ ГИНАТ ВОЗАЧИТЕ

    ИНЖЕНЕРИ БАРААТ ПОСТАВУВАЊЕ ВИБРАЦИОНИ ЛЕНТИ НА ПАТОТ ОХРИД-СВЕТИ НАУМ ЗА ДА НЕ ГИНАТ ВОЗАЧИТЕИскуствата од Словенија, Хрватска и Грција покажуваат дека бројот на сообраќајните незгоди се намалил благодарение на вакви ленти (Фото: СДК.МК)

    Охридски инженери предлагаат поставување вибрациони ленти на делови од патот Охрид-Свети Наум, за да се спречуваат сообраќајни несреќи. Кога возилото ќе помине над овие ленти, тоа почнува да вибрира, па возачот инстинктивно закочува и ја намалува брзината.

    Најкритична точка на овој пат е над Хидробиолошкиот завод, каде што последниве неколку години загинаа 20-годишно момче и 20-годишна девојка.

    „За зголемување на безбедноста на регионалниот пат Свети Наум-Охрид, на влезот во градот, поконкретно на потегот кај Хидробиолошкиот завод, предлагаме, согласно законската регулатива, како мерка за смирување на сообраќајот да се постават вибрациони ленти. Тоа ќе придонесе за намалување на брзината на движењето на возилата, со што се очекува и подобрување на безбедноста во сообраќајот. Овој дел е посебно небезбеден за пешаците, кои поради непостоење на пешачка патека, се принудени неправилно да се движат кон населбата Мегдани и Хидробиолошкиот завод. Со цел значително подобрување на сообраќајната безбедност на овој потег, ОСБСП-Охрид во 2016 година предложи поставување на челични одбојни огради”, ни изјави Стефан Димоски, претседателот на општинскиот совет за безбедност во сообраќајот.

    Според предлагачите, вакви ленти веќе има на патиштата во Словенија, Хрватска и Грција. Искуствата од тие земји покажуваат дека бројот на сообраќајните незгоди се намалил, а возачите на тие делови почнале повнимателно да возат.

    Сообраќајните инженери бараат и итно поставување на соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација на постојните велосипедски ленти, но и на регионалните патишта Охрид-Св. Наум и Охрид-Струга, каде, особено за време на летната туристичка сезона, има значително движење на велосипедисти.

    Д. ЧУБРИЌ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира