ИСЧИСТЕНИ 220 КУБИЦИ ОТПАД ОД ДИВИТЕ ДЕПОНИИ ВО ВЕЛЕС

    ИСЧИСТЕНИ 220 КУБИЦИ ОТПАД ОД ДИВИТЕ ДЕПОНИИ ВО ВЕЛЕСОвие диви депонии се создадени од неодговорни сограѓани, кои не ја почитуваат законската обврска, па габаритен отпад и градежен шут фрлаат на места кадешто не е дозволено, велат од Општина Велес (Фото: П. Печков)

    Општинските власти изминатите денови спроведоа акција за чистење на дивите депонии во околината на Велес, при што собрале 220 кубици отпад.

    Согласно Програмата за управување со отпад за 2017 година, Општина Велес и ЈКП „Дервен” ги расчистуваа дивите депонии кај населбата Превалец, брегот на реката Тополка, пристапниот пат пред градските гробишта кај Раштани, основното училиште „Кирил и Методиј“, Народниот музеј, брегот на Битолска пруга и на улицата Лазо Осмаков близу кружниот тек Авона.

    „Овие диви депонии се создадени од неодговорни сограѓани, кои не ја почитуваат законската обврска, па габаритен отпад и градежен шут фрлаат на места кадешто не е дозволено. Со вака спроведените активности, во 2017 година животната средина во Велешко се растовари од 325 кубни метри отпад, а само во последната акција деновиве се собрани 220 кубици. Апелираме до сите граѓани да постапуваат со отпадот во рамките на Законот за управување со отпад и да се воздржат од оставање, палење и неконтролирано отстранување на отпад“, велат од Општина Велес.

    По реакциите на јавноста и објавените фотографии на социјалните мрежи, веднаш е пристапено кон вонредно чистење на дивата депонија од градежен шут и азбестно-цементни табли во зелениот појас спроти некогашната Топилница и кај вливот на Тополка во Вардар.

    Локалните власти додаваат дека ЈКП „Дервен“ спровело обемна акција на чистење на отпад на приватен имот, иако тоа не било негова обврска, оти постоела опасност да се загрозат здравјето и животот на соседите во урбаната средина. Истовремено, се реализира и акција на собирање на електронски отпад од домовите на велешани. За неполн месец, во Велес се собрани повеќе од осум тони ваков отпад. Акцијата почна на 10 ноември и требаше да заврши на крајот на минатиот месец, но продолжува до крајот на годинава.

    Освен велешките комуналци, во акцијата на собирање отпад се вклучени и Општина Велес и организацијата „Нула отпад Скопје“.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира