„МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“ СОБРАА 300 УПОТРЕБЕНИ КОНДОМИ ОД ПАРКИНГОТ ПРЕД ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО БИТОЛА

    „МЕТИ СИ СО КЛАСНЕТО“ СОБРАА 300 УПОТРЕБЕНИ КОНДОМИ ОД ПАРКИНГОТ ПРЕД ПРАВНИОТ ФАКУЛТЕТ ВО БИТОЛАБитолчани се чудат како е можно да има толку расфрлано ѓубре во населба која важи за елитна (Фото: СДК.МК)

    Најмалку триста употребени и фрлени кондоми беа исчистени викендов од паркингот пред Правниот факултет во поранешната битолска касарна, каде денес се наоѓа елитната населба Златен Рид. Чистењето беше во рамките на акцијата „Мети си со класнето“, која веќе еден месец ја спроведува наставничката Марија Магдалена Петковска Микаровска, заедно со класот второ шест од Средното медицинско училиште, а им се придуружуваат и други битолчани.

    „Загрижува тоа што толку многу нечистотија излезе од населбата викана Златен Рид, а утешително во целата ситуација е што младите барем имаат безбеден секс“, велат битолчани.

    На крајот на акцијата беа собрани десетици вреќи ѓубре (Фото: СДК.МК)

    Класнето и учениците светнаа голем дел од поранешната касарна и собраа десетици вреќи ѓубре. За да ја довршат работата во целост, следната недела бараат багер, за да го соберат сметот од стара зграда во касарната, претворена во ѓубралник.

    „Почнавме од паркингот на Правен факултет, па зад него, па потоа малку подесно, односно во зградата зад еден ресторан. Таму нè чекаше најголемиот хаос досега, а имаме видено многу. Се чудам како на елитата битолска која живее таму не ѝ пречи ова. Како и да е, голем дел средивме, а другиот остана за следната недела, бидејќи ќе ни треба багер. Човечка рака онде не може“, рече Петковска Микаровска.

    На битолчани кои чистеа во пресрет им излезе и ЈП „Комуналец“. Акцијата „Не биди ѓубре“ продолжува и следната недела.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари