Минатата недела, од новооткриени диви депонии на езерото Младост биле собрани 15 кубни метри смет. Вработените во ЈКП „Дервен“ отстраниле осум кубни метри габаритен отпад од страната на Отовичка плажа и седум кубни метри градежен шут на излетничкиот простор над езерото. Во викенд, за едно деноноќие од јавните површини на овој рекреативен центар се собира еден полн трактор отпад. Поради ова, наместо еден, таму чистотата ќе ја одржуваат двајца вработени комуналци.
„Состојбата со чистотата на езерото Младост е вознемирувачка. Рекреативците откако ќе си заминат, оставаат многу отпад. Затоа одлучивме бројот на комуналци кои се грижат за одржување на чистотата да го зголемиме на двајца. Се крши и урбаната опрема. На долна Бабуна состојбата не е таква, нема толку смет и неодговорно однесување на посетителите“, кажа градоначалникот на Велес, Аце Коцевски.
Од локалната власт велат дека откриваат диви депонии со санитарии, мебел и стара облека на места кои нудат можности за рекреација. Во оваа трка која ја нарекуваат „фрлај-чисти” додаваат дека сите посетители се губитници.
П. ПЕЧКОВ