ИСЧИСТЕТЕ ГИ ДВОРОВИТЕ И ОКОЛИНАТА НА ВИКЕНДИЦИТЕ И КУЌИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД ПОЖАРИ, АПЕЛИРАШЕ СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВ

    ИСЧИСТЕТЕ ГИ ДВОРОВИТЕ И ОКОЛИНАТА НА ВИКЕНДИЦИТЕ И КУЌИТЕ ЗА ЗАШТИТА ОД ПОЖАРИ, АПЕЛИРАШЕ СТОЈАНЧЕ АНГЕЛОВКако причинители на пожарите, Ангелов ги спомна и потпалувачите. (Фото: СДК.МК)

    „Исчистете ја околината на вашите викендици и куќи од висока вегетација. Само така ќе бидете сигурни, доколку пожарот стигне до вашата куќа или викендица, дека нема да ја запали“, апелираше Стојанче Ангелов, директор на Дирекција за заштита и спасување, на денешната прес-конференција на која се осврна на најкритичните пожари во земјава, меѓу кои е и оној што повеќе дена гори во Мариово.

    Како една од причините за ширењето на пожарите ги наведе напуштените села каде што одвај има жители, но има празни куќи и викендици околу кои не е искосена густата вегетација.

    „Се случува во ваквите села да навлезе оган и да изгори куќа која е напуштена или можеби е сè уште функционална, но сопствениците доаѓаат неколку пати во текот на годината и ја користат како викендица. Притоа, се разбира, дворот на куќата или на викендицата е преполн со вегетација, густа, висока трева од над еден метар, а тоа е рецепт за појава на пожар во објектот“, рече Ангелов.

    Така беше и во Прилепско, каде што пред неколку дена изгоре штала со тутун откако се запалиле гредите на висина од четири метри.

    „Ѕидовите не горат, значи некој дозволил да има вегетација која развила пламен висок четири метри“, рече Ангелов.

    Како најсигурен начин за заштита на селата и осамените објекти (цркви, манастири, викендици, пчеларници и други), препорача локалните власти околу нив да направат противпожарни пресеци широки по десетина метри.

    „Еден трактор или булдожер вреди повеќе од еден хеликоптер, зашто хеликоптери имаме неколку, а трактори имаме илјадници. Пилоти имаме неколку, а трактористи илјадници. Можат да се вклучат и управувачи со булдожери. Најдете трактор, најдете булдожер, изорајте околу нив. Така ќе ни помогнете нам“, рече Ангелов.

    Додаде дека во Мариово ги трошат ресурсите штитејќи четири манастира и неколку пчеларници, а вчера спасиле и возило кое некој го оставил, го заклучил и побегнал: „Спасивме возило од неколку илјади евра, но направивме значително поголеми трошоци“.

    Како причинители на пожарите ги спомна и потпалувачите.

    „Има пожари предизвикани со криминална намера, некогаш за дрвна маса, односно евтина цена на изгорената шума, но и поради одмазда. На повеќе места сме сигурни дека палат од одмазда, како што се случи во Македонски Брод, каде што имаме лице во притвор поради подметнат пожар. Само што го пуштија, најверојатно тој повторно запали пожар — барем такви се сомневањата. Се одмаздуваат затоа што претходно шумската полиција и Национални шуми им одзеле одредена количина украдени дрва“, рече Ангелов.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира