Неколку стебла долгогодишни дрвја деновиве се исечени во дворот на Националната установа Завод и Музеј во Битола зашто, како што вели новиот в. д. директор Зоран Николовски, биле оштетени и претставувале закана за фасадата на објектот и посетителите. Дрвјата биле исечени преку работна акција на вработените на која присуствувал и Николовски, а „Комуналец“ го исчистил сметот. Сега, вели директорот, како дополнителона добивка е тоа што се гледа и фасадата на Заводот.
„Првенствена причина беше тоа што дрвјата беа скапани, мислам дека беа три на број, а има и уште еден оштетен бор, кој не успеавме да го сечеме бидејќи немавме време, а е навален кон Спомен-собата на Кемал Ататурк, да не ни помислуваме каква катастрофа може да настане доколку падне. Од оние што ги исековме имаше еден багрем кој навлегол долу во депоата на Музејот каде ги чуваме артефактите. Друг излегол од оградата која е два милиона денари и не можеме да дозволиме да се оштети“, вели Николовски.
Други дрва пред дворот на установата и зеленика се искастрени. Николовски вели дека во тек е нов проект преку кој плански ќе се засадат дрвја во дворот на Заводот.
Законската постапка за сечење на дрвја налага да се извади одобрение од Општина Битола.
Николовски како в. д. директор беше назанчен пред еден месец како партиски кадар на ЗНАМ, а во Завод и музеј беше директор и пред неколку години за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ.
Ж. ЗДРАВКОВСКА