ИСЕЛЕНИЦИ ОД ГЕРМАНИЈА ПО ПОЛА ВЕК ЈА ВРАТИЈА ТРАДИЦИОНАЛНАТА СВАДБА ВО ПИПЕРОВО  

    ИСЕЛЕНИЦИ ОД ГЕРМАНИЈА ПО ПОЛА ВЕК ЈА ВРАТИЈА ТРАДИЦИОНАЛНАТА СВАДБА ВО ПИПЕРОВО  Младоженците Надица и Борче Ристови кои речиси 20 години живеат во Германија, се венчаа по традиционалните адети на штипското село Пиперово од каде потекнуваат (Фото: СДК.МК)

    Во подножјето на планината Серта каде се наоѓа селото Пиперово, вчера и денеска зурли и тапани ечат и се вие оро. Општонародната веселба се случува по цели 50 години, во чест на младоженците Надица и Борче Ристови кои речиси 20 години живеат и работат во Германија, а потекнуваат од ова штипско село.

    Покрај зурлите и тапаните неизбежни се и коњите кои одат по невестата и ја носат кај момчето чии роднини ги пречекуваат со песна  (Фото: СДК.МК)

    „Решивме да се венчаме во црквата ‘Св. Богородица’ по сите стари обичаи и народни носии од крајот на моите предци. Ова е посебно доживување и чуството на радост и среќа не се опишува“, вели младоженецот Борче.

    Сопругата Надица е импресионирана од обичаите и носиите. Вели дека воопшто не пречи што во носиите малку е топло на овие високи темпеартури оти се радува на настанот.

    „Импресионирани сме што нашата свадба се претвори во општонародна веселба. Сите сватови беа во народни носии специфични за селото Пиперово. Ги применивме старите обичаи, од земањето на невестата со коњи до венчавањето како што било порано. Имаше одење по вода од селската чешма, кршење на деверовата погача и како деверот ми става паричка во уста, што за ова село симболизира невестениски молк до крајот на денот“, вели невестата Надица.

    Свештеници од Брегалничката епархија ги венчаа младите по сите црковни и народни традиции во селската црква „Св. Богородица “ во Пиперово (Фото: СДК.МК)

    Последната свадба во селото Пиперово со истите стари обичаи се случила пред половина век кога свадба правел свекорот Трајче, кој исто така не ги крие солзите радосници што дочекал свадба на својот син.

    „Зурли и тапани и многу свадбари имаше и на мојата свадба пред 50 години. Од звуците на зурлите и тапаните и тогаш ечеше цела Серта и Лакавичката котлина. Некогаш ова село имаше стотина куќи со 600 жители. Денес селото е само со две семејства и голем број викенд куќи на наследниците. Селото групно го посетуваат ученици од Штип кои имаат часови во природа. Се надевам дека оваа свадба ќе биде поттик за младите да го вратат животот во селото“, вели Трајче Ристов .

    Т. ЈОВАНОВСКИ 

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари